Претседателот на Федерацијата БиХ, Живко Будимир, го обвини својот колега од Република Српска, Милорад Додик, дека често се заканува и заговара поделба на БиХ, повикувајќи ги надлежните домашни институции, но и
претставници на меѓународната заедница, енергично да ги спречат и санкционираат нападите врз територијалниот интегритет на БиХ.
Тој нагласи дека Додик сè поотворено и поконкретно заговара поделба на државата и претворање на ентитетот РС во самостојна и независна држава, дека го држи в џеб законот за референдум и дека тоа во други држави се нарекува сепаратизам.
– Милорад Додик настојува да создаде лажна претстава дека државата БиХ, всушност, не може да функционира и дека таа постои само затоа што во 1995 година ја признале големите сили – смета претседателот на ФБиХ.
Додик повеќепати досега оцени дека БиХ ќе се распадне доколку не се врати на изворниот Дејтонски концепт или доколку не прерасне во некој вид конфедерација или заедница на држави.
– БиХ се покажува како неспособна и неодржлива земја, која живее на инфузија на меѓународната заедница. Таа нема внатрешен консензус на кој начин ќе постои и како ќе се движи понатаму – нагласи Додик во една од своите изјави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


