Младоженецот оди по невестата со зурли и со тапани. Таму на врата стојат најсилните момци од фамилијата на невестата и се туркаат сѐ додека кумот и младоженецот не дадат доволно пари за невестата. Откако ќе влезат кај неа следува панделка на ракавот, шлаканица од деверицата или бакнеж од деверот, полнење на чевлите со ситни пари… Некаде се кршат погачи над главата на младоженците, некаде се јадат кокошки, некаде го бричат зетот, се игра оро на улица… Следува матично, црква, свадбена веселба… По свадбата следува предизвикот – да се биде заедно и во добро и во зло… но некогаш разводот е неминовен. Што тогаш? Тогаш имотот се дели, судот пресудува… Вака некако изгледа македонска свадба. Како што минуваат годините традицијата се подзаборава. Младите се решаваат за поинаков или, како што велат, помодерен начин на живот…
Истото се случува и кај младите од албанска националност. Неодамна, на една свадба, за која ми рекоа дека не е типична албанска свадба, бев изненадена што родителите на невестата не ги пречекуваа гостите. Свадбата почна, младоженците ги немаше. Ми објаснија дека е традиција невестата и младоженецот да дојдат подоцна. Гостите се расположени, алкохол нема. Почнува песна што ги најавува младоженците. Тие влегуваат, по здравицата застануваат зад невестинската маса, додека гостите играат околу нив… Сепак, нивната вера ја штити жената. Непосредно пред склучувањето на бракот се договара сумата што жената ја добива доколку бракот се распадне.
– Ние го немаме тоа ветување пред бога како што е во православието. Непосредно пред свадбата се собираат претставници на двете фамилии и заедно со оџата договараат ниѓах. Постои формулар од ИВЗ за венчавка и се договара таа сума, која мажот ќе ја исплати. Се оди со непарен број. На пример, роднините на невестата бараат 99 лири (една лира е околу 1.500 до 2.000 денари), роднините на младоженецот велат, не, само девет. И продолжува договарањето . Доколу не постигнат согласност пресекува оџата. Тие пари жената ги зема во случај на развод. Според нашата религија, жената во следните 40 дена не смее да биде со друг маж. Тие пари ѝ се даваат за да преживее тие 40 дена. Таа сума е некаде околу 2.000 вера. Младите денеска знаат да ја променат таа традиција, па жената избира некое патување – вели нашиот соговорник Мамути.
Многу работи нѐ прават различни. Албанците реагираат на слободата на македонската жена. Велат несфатливо е како таа се однесува слободно и се облекува слободно.
– Генерално, немам проблеми со македонската традиција и православната религија. Имам пријатели Македонци, кај кои одам на Велигден, ми даваат вапсани јајца како што е традицијата. Доаѓаат кај мене на Бајрам. Понекогаш не можам да ја сфатам слободата на македонската жена, како и начинот на кој Македонецот ја третира жената – додава нашиот соговорник.
Од друга страна, пак, често Македонците знаат да реагираат за забуленоста на Албанките. Тие бараат на лични документи да се фотографираат со шамија на глава, законите не го дозволуваат тоа. Но и самите Албанци велат дека меѓу нив има и такви што претеруваат, односно начинот на кој се покриваат не е во согласност со исламската вера. Во некои од селата во земјава, додаваат тие, има многу жени што се облечени како тие во Саудиска Арабија, каде што причината за големиот степен на покриеност на лицето е правот што има таму, а не верски обичај. Ставањето шамија не е задолжително, а најчесто се става шамија кога жената ќе влезе во пубертет или доколку сопругот го побара тоа. Жената не разговара со непознат маж, доколку е пушач, најчесто се крие…
Триесет и двегодишната Катерина М. вели дека сѐ додека не се врши притисок за прифаќање на туѓите обичаи, сѐ е во ред:
– Па, во принцип, не ми пречат Албанците ниту за дружење ниту за соработка, сѐ додека не стане збор за традицијата. Не сум многу традиционален тип, односно, интересни ми се обичаите, и нашите и нивните, но како што не ги жртвувам животните навики за нашите обичаи, исто така, не би ги жртвувала ниту за туѓите обичаи. Како што не верувам во господ, нема да верувам ниту во Алах, како што не одам во црква, нема да одам ниту во џамија, ако сега кажам не вреди да се расправаш со него, батали го, истото ќе го мислам и тогаш.
Албанците сметаат дека Македонците не знаат да ги почитуваат сопствените празници и сопствениот народ. Велат кога доаѓа празник, било да е православен или муслимански, цените на пазарите енормно растат.
– Прво мислевме дека е само однос кон Албанците. Но сфативме дека Македонците исто функционираат и за сопствените празници. Кај Албанците е обратно, цените паѓаат за да може секој да има добар празник – вели соговорникот.

Една или повеќе жени
Една од работите што на Македонците не им се допаѓаат кај Албанците е животот со повеќе жени.
– Иако често на шега со другарите можеме да кажеме алал да им е може да имаат повеќе жени, тоа е тоа што не можам да го сфатам и прифатам кај Албанците. Ми звучи многу примитивно, ужасно... – вели дваесет и осум годишниот Марјан Н.
Албанците во земјава, пак, велат дека сѐ поретко се случува некој да има повеќе жени. Иако законот не дозволува повеќе жени, верата кај нив е над религијата. Една жена официјално, другата го носи своето презиме, но, сепак, му е жена.
– Сѐ поретко се случува еден маж, особено во градските средини, да има повеќе жени. Исламот дозволува четири жени. Пророкот имал седум, но со четири имал интимен однос. Кога ќе почине една од сопругите, почнува однос со друга. Таа традиција се појавила поради недостиг од мажи. За да се заштитат жените, да им се даде покрив над глава за да не се посветат на проституција. За да земеш втора жена треба да ти биде одобрено од првата. Тоа е првиот услов. Вториот услов е да не живеат под ист покрив. Да немаат меѓусебен контакт. Првата жена останува во куќата, а треба да им обезбедиш место и на другите – додава Мамути.
Православната вероисповед, пак, има сосема поинаков однос кон ова. Според црковните правила, ако си се ветил пред бога еднаш, вторпат не можеш, односно мораш прво да ја раскинеш брачната заедница пред Бога. Бракот не завршува во моментот кога завршува граѓанскиот. Секој брак склучен во верски храм треба таму да се поништи, па на ваков чекор се решаваат само тие што решиле повторно да стапнат пред олтар, но со друг партнер. И тоа смеат да го направат само уште трипати. Обредот за втората црковна венчавка не е ист за партнерите што по вторпат застануваат пред олтар. Молитвата е пократка и поинаква од вообичаената.
Простор за молитва
Само големите православни верници постојано одат на неделни литургии и молитви во црквите. Поголем дел од Македонците тоа го прават само на некој голем верски празник. Ретко кој се моли пред спиење или му се заблагодарува на бога пред јадење. За разлика од Македонците, Албанците се молат петпати на ден.
– Не си вистински муслиман ако не се молиш петпати на ден. Секогаш има начин да се помолиш, без разлика дали си болен, дали возиш во моментот… Постојат знаци што ги правиш место класична молитва. И жените се молат, но не смеат да се поклонуваат во џамија. Една од поголемите забелешки што ги имам за Македонците е фактот што мислам дека не ја почитуваат доволно туѓата вероисповед. На пример, во македонска фирма никогаш нема простор каде што јас можам да се помолам. Секаде во светот има – вели нашиот соговорник.
Исламот има свои правила и за стапување во брак со лице од друга вероисповед. Мажот што ќе стапи во брак со жена од друга вероисповед не може да настојува да ја прифати неговата вера. Дури, негова обврска е да ја носи сопругата в црква, да ја чека да заврши и да ја врати назад. Доколку муслиманка реши да стапи во брак со маж од друга вероисповед, мажот мора да ја прифати муслиманската вера.
Православните верници имаат крштенка во црква со што ја примаат православната вероисповед. Муслиманите, пак, им пеат молитви на своите деца. Доколку родителот ги знае зборовите, сам може да го направи тоа. На десното уво се пее езан, на левото камец.

Крвната одмазда – неприфатлива
Тоа што Македонците најтешко го прифаќаат кај Албанците е крвната одмазда.
– Крвната одмазда станува банална. Во Албанија е многу присутна. Обично се предупредува семејството дека мажи од фамилијата можат да излегуваат од дома до одредено време. Доколку се начека маж од семејството по тоа време, ќе биде убиен. Смеат да излегуваат само жените. И да бил во затвор 20 години за убиство, кога ќе излезе од затвор го чека крвна одмазда. Се случува семејствата да преговараат за да најдат начин да се помират… Жртва може да биде кој било маж од семејството.
Тоа на што голем дел од Македонците реагираат е нивното барање на права.
– Не можам да сфатам за какви свои права се борат, што е тоа што го немаат, а ние го имаме. Јас не ги гледам работите низ нивниот двоглед. Или имаш човекови права или ги немаш. Не гледам дека децата им се пооблечени сега откако не знаат да бекнат на македонски, но учат од градинка до докторски само на албански. Ниту соживот ниту благосостојба гледам. Ако пукаш, ќе пукам и јас, а ќе загинат и моето и твоето дете. Затоа не гледам за какви права и за чии права и за каков соживот зборуваат кога пукаат во тоа име – вели Катерина М.
Разговараше: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


