| четврток, 6 декември 2018 |

Оранжериите бараат помош

оранжериНерешен статус на земјиштето, скапи енергенти, висок надомест за експлоатација на геотермалните води и ниски субвенции, се проблемите што ги истакнуваат производителите на раноградинарски култури. Бараат средба со надлежните институции, министерствата за транспорт и за земјоделство, како и со Катастарот за надминување на состојбите.

– Производителите бараат да се дефинира статусот на земјиштето, Агенцијата за стоковни резерви да одвои одредена количина мазут, да се преиспита зголемувањето на финансиската поддршка затоа што е несразмерна, како и тарифникот за пресметка на потрошените кубни метри вода за загревање – посочува Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Според Групацијата за оранжериско производство, измените на Законот за земјоделско земјиште создадоа поголема забуна во однос на сопственоста и дополнително ги оптоварија производителите, цената на мазутот од 2007 до 2013 година е зголемена за 249 проценти, а на геотермалните води од 1,8 денари за кубен метар на 8,4 денари.

Раноградинарите поради актуелните проблеми не можат да користат банкарски кредити, ниту да аплицираат за средствата од ИПАРД. Воедно е доведено во прашање и производството кое, наместо во регуларниот период, ќе доцни и ќе се совпадне со понудата на пазарот од странство.

Во Македонија има 17 оранжерии со 200 хектари активно производство. Во нив работат 1.360 луѓе.

– Ако проблемите се решат, бројот на вработени би можел да достигне 3.600, а наместо 20 милиони евра девизен ефект, од извозот би можеле да се реализираат 30 милиони евра бидејќи се искористени само 50 проценти од капацитетот – истакна Ристовски.

Меѓу проблемите е и нелојалната конкуренција. На пример, производната цена на еден килограм домат чини 40 денари, а од надвор, најчесто Албанија, Турција, Кина, се увезува за 30 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top