| четврток, 6 декември 2018 |

Јубилејно издание на „Спектатор“ од Жарко Кујунџиски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје деновиве објави нов тираж од романот „Спектатор“ од Жарко Кујунџиски во чест на десет години од првото издание. Со тоа стана прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со шест изданија. Во 2003 година „Спектатор“ не само што вистински ги воведе современите, урбани тематики и филмската, колажна техника на раскажување во македонската литература туку и беше, и остана, драга лектира меѓу читателите и цела една генерација нови книжевни теоретичари и критичари. Покрај тоа, во меѓувреме стана и основа за филмското сценарио „Chernobyl Generation“ (2009) и беше преведен и објавен на англиски јазик во 2011 година и на полски јазик во 2012 година.

По дебито, Кујунџиски објави уште осум значајни книги: Америка (роман, 2006), Ендрју, љубов и други непогоди (драми, 2004), Сузан (песни, 2008, под името Џеси Блејз), Најдено-загубено (роман, 2008), 13 (раскази, 2010), Мојата Сузан повторно девојка (песни, 2011), Најкраткото долго (студија, 2012), Скопје и сè е можно (роман, 2013).

Во чест на јубилејното издание, писателот и режисер Александар РУСЈАКОВ напиша:

„Јас не сум книжевен теоретичар. Кога пишувам, сум писател, кога читам, сум читател. Но, кога зачекорив во светот на „Спектатор“, станав нешто трето, станав читател кој во себе раѓа писател затоа што читав и сонував свет што и јас сакам да го надградувам. Затоа што Spectator секојдневието го прави волшебно и ти дава можност и ти како читател да се искреираш во книгата. Да се бараш себеси, својата љубов, онаа што завршила, онаа што наскоро ќе се роди.

Ако никогаш не ви паднало на ум како изгледа ДНК на љубовта, „Спектатор“ ви ја нуди таа лекција. Тука ќе ја најдете биологијата на човечката љубов, хемијата на еротиката, физиката на страста. Затоа доста читате што јас сум нашол читајќи го „Спектатор“. Седнете и читајте го „Спектатор“. Знам дека ќе го најдете тоа што ви е потребно“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top