Центарот на Лос Анџелес лејкерс, Крис Кејман, за американските медиуми вели дека градскиот ривал Клиперс никогаш нема да може да го достигне нивото на „езерџиите“.
– Јас го почитувам она што ЛА клиперс го има направено досега, меѓутоа тие никогаш нема да бидат како Лејкерс – изјави Американецот со германско потекло.
Кејман додава дека никој не го поврзува градот на ангелите со Клиперс, туку токму „езерџиите“ се еден од главните симболи на оваа калифорниска метропола.
– Само погледнете ги сите досегашни титули на Лејкерс. Клиперс тоа никогаш нема да го има. Јас, едноставно, не гледам дека тоа некогаш ќе се случи. „Езерџиите“ го имаат она што е потребно. Тие веќе се дел од историјата и токму тоа е она што ги краси – заклучи Кејман.
Интересно, тој во дресот на Клиперс мина цели осум години, а, освен за оваа екипа, играше и во составите на Њу Орлеанс хорнтес и на Далас маверикс. Во јули оваа година потпиша за ЛА лејкерс.
Големите градски ривали се сретнаа токму на почетокот на новата сезона во најсилната кошаркарска лига на светот, а „езерџиите“ беа подобри со резултат 116:103.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


