
Породилното отсуство може да се продолжи за 3 месеци, кои мајките ќе можат да ги искористат на различни начини. Предлогот е на Министерството за труд и социјална политика, а за него допрва треба да расправа Економско-социјалниот совет, пишува Дневник.
Новината зад која стои министерот Диме Спасов е содржана во две варијанти – мајките ќе имаат избор дополнителните три месеци да ги искористат веднаш, по истекот на досегашните девет месеци или да ги земат во периодот додека детето наполни три години.
Новите три месеци ќе бидат неплатени, но работодавците ќе бидат обврзани да го сочуваат работното место на мајката.
– Предлогот веќе е пристигнат до Владата и таа ќе се изјасни за него во наредниот период, велат од Владата за Дневник.
Продолжувањето на деветмесечното породилно отсуство е еден од предлозите што стручната јавност ги наведуваше како потребни за да се оствари пресврт во загрижувачките демографски состојби во земјава врзани со малата стапка на наталитетот. Податоците покажуваат дека во триесетина општини бил забележан тренд на поголем број на умрени отколку на родени лица, објави весникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


