
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Цитатите се најлесниот и најубав дел од еден текст. Авторот може потајно да триумфира само поради истомислеништвото со некој од друго време и од друг простор. Не е важно потеклото на цитатот.
Сè може да биде цитат. Некој чуден мал свиок на непозната улица во град во кој првпат доаѓате. Мирисите на приватните мали пекарски работилници рано изутрина. Помислата на тоа како изгледа некое друго парче простор во истото време. Лицата на случајните минувачи. Бескрајниот синџир на причини и последици. Сè, буквално. Вклучително вашата интимна дебата за тоа што е стварност во морето впечатоци.
Колку стварноста зависи од нашата перцепција и од нашите сетила?
Човекот има пет сетила.
Ако кон ова го додадеме сетилото за наближување на опасност, шест. Сетилото за длабочина, седум. Сетилото за доживување на музиката преку боја – осум.
Ајкулите имаат високо развиена електроцепција, што им овозможува да го осетат електричното поле.
Делфините.
На главата имаат орган што им служи за ехолокација. Устата на делфинот има облик на насмевка. Нивниот мозок е голем со високоструктурирана мозочна кора. Нивните заби се така распоредени што функционираат како антена што ги собира звуците од далеку. Знаат да им помагаат на бродоломниците штитејќи ги од ајкули.
Имаат сетило за радост и сочувство. И игра.
Птиците и инсектите имаат сетило за магнетно поле – магнетоцепција. Ова го користат во своите навигациски системи. При летањето.
Но, агенцијата за авторски права нема разбирање за натсетилната перцепција на одредени автори, особено ако се поврзани со нивните космогониски апетити.
Еве еден од најопасните цитати кој воопшто не кружи како дожд околу некојси таму извикан град од поговорките, туку ја има за цел поентата кон која бавно, но сигурно се движи сè на оваа планета:
„Автентичноста е непроценлива; оригиналноста не постои. И не замарај се криејќи ги своите „кражби“, напротив… Во секој случај, запомни што рекол Жан-Лук Годар: „Не е битно од каде си ја зел идејата, важно е што ќе направиш со неа…“. Рекол Џармуш Џим и останал жив.
Важна е инспирацијата. Потоа, патот на ослободување на креативноста е индивидуален. Dum spiro, spero. А, надежта последна умира. Всушност, бесмртна е. Смртна е само самата смрт. И стравот од неа.
Перцепција на болката се вика ноцицепција. Се перцепира болката на внатрешните органи (освен мозокот), на кожата и на зглобовите. Така вели неурологијата. Мозокот воопшто нема рецептори за болка. Болката е илузија.
Каква е улогата на нервниот систем во креирањето на стварноста? Дали болката е единствениот феномен во појавниот свет што ја релативизира стварноста? Зоологијата вели дека животните не знаат да се разболат. Освен оние што ги култивирал човекот и ги направил свои куќни помошници или домашни миленици, од типот волови за орање, кокошки за несење јајца, кучиња за чување стада и слично. Ако верниот пес го одвоите од неговиот сакан господар, песот знае да умре од тага, што е невообичаено за еден пес-скитник кој во најлош случај, откога ќе се изнаужива во слободата, може, евентуално, да умре од глад.
Во философијата, пак, да се биде пес значи, буквално, да се лае или да се зборува со метајазикот на песот којшто ќе лае, но нема да касне. Циникот е задолжен да ја говори вистината и покрај тоа што во најголем број случаи таа знае да нанесе болка. Да повреди. Да ги отвори очите. Да предупреди. Да отвори некоја стара рана за која се мислело дека е исцелена.
Припадниците на циничката школа од античко време, па до денес ги имаат истите принципи на живеење. Беспотребноста е еден од главните. Да се има што помалку, тоа подобро.
Принципите на современото потрошувачко општество тегнат на друга страна. Доволно е да се ѕирне во плакарот на една еманципирана жена презафатена со работни обврски. И за да биде испочитувана задолжителната доза иронија на судбината, таа нема којзнае колку време за облекување. Нејзиниот гардеробер е полн купишта фини парчиња, што можеби никогаш нема да бидат облечени, но важно е да се купат, а потоа да се имаат.
Циниците се учеле од мали нозе на едноставен и скромен живот, во хармонија со природата. Диоген кога сфатил дека може да пие од својата дланка, ја фрлил чашката. Колку човек е помудар, толку се смалуваат неговите потреби. Човекот е слободен кога нема потреби. Сепак, дали Диоген во денешни услови би имал мобилен телефон? Дали би пиел вода од рака или би направил компромис користејќи некој од поевтините филтри за прочистување на водата? Каде завршува битката за преживување, а почнува хедонизмот?
Дали денес водата се користи за пиење или за загадување?
Мудриот човек си е доволен самиот на себе. И за да не се помеша ова со саможивата себичност и, не дај боже, продавниците да останат празни, не е лошо да се фаворизира глупоста. Онаа за која Ајнштајн рече дека е бесконечна, завршен цитат.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


