Женскиот ракометен првак на Македонија, ЖРК Вардар СЦБТ, утревечер од 20 часот во рамките на 3. коло од групата Д на Лигата на шампионите игра со повеќекратниот првак на Хрватска и поранешен европски шампион, екипата на Подравка.
Во екипата владее оптимизам дека ќе се стигне до победа на дуелот против Подравка. Една од најдобрите ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ, изрази надеж дека македонскиот првак ќе стигне до позитивен резултат, но, исто така, и ги покани навивачите да дојдат во што поголем број.
– Ова е натпревар кој мораме да го добиеме, па затоа ги повикувам „комитите“ да дојдат и да ни ја дадат неопходната поддршка, за на крајот заедно да се радуваме на победата – истакна Радичевиќ.
Индира Кастратовиќ, по освоените три бода во првите две кола, се надева дека нејзиниот тим ќе продолжи со позитивни резултати во елитното европско натпреварување.
– Ова е еден од клучните натпревари за нас, имавме доволно време за да се подготвиме и ќе атакуваме на триумф и на два бода. Клучот за победата ќе биде одбраната, за која секогаш инсистирам и која ја одигравме на ниво во второто полувреме против Ларвик – изјави Кастратовиќ.
Кастратовиќ има на располагање 19 играчи, а кои ќе бидат стартери на утрешниот меч, таа ќе одлучи по вечерашниот тренинг.
Екипата на Подравка титулата европски шампион ја има освоено во 1996 година. По повеќе од 10 години, Подравка ќе игра натпревар од Лигата на шампионите во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


