| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар изникна како феникс, ПСЖ избегна нов пораз во Скопје (24-24)

Вардар изникна како феникс, а пребогатиот француски ракометен тим Пари Сен Жермен среќно избегна нов пораз во Скопје. Во пеколен финиш на скопската ракометна „Маракана“ Вардар го имаше последниот напад за победа, но не успеа да изгради добитна комбинација за блескав триумф. И со бод домаќините треба да бидат задоволни, бидејќи на десетина минути до крајот губеа со 5 гола разлика, 18-23. Публиката која беше импресивна и без застој бучно ги бодреше своите миленици во текот на сите 60 минути, заслужи да се радува. Од 7 илјади грла во текот на целиот натпревар ечеше „Вардар, Вардар“, а финишот беше спектакуларен. На нозе симпатизерите на црвно-црната боја го дочекаа финишот, а атмосферата кулминираше по одбраната на Милиќ. Вардар на 37 секунди до крајот тргна на победа, но мечот сепак заврши нерешено 24-24.

Данскиот репрезентативец Микел Хансен јаправеше разликата во текот на натпреварот, а еден од најдобрите средни бекови на планетата 7 пати биеше неодбранливо во голот на домашниот тим. Овојпат 26-годишниот ракометар одигра многу подобро од претставата што ја презентираше против Металург, пред петнаесетина дена кога ПСЖ загуби во Скопје со 28-30.

Вардар машки се бореше на крилјата на 7 илјадната публика во „Борис Трајковски“ и го намачи фаворитот со неверојатен буџет од 13,5 милиони евра по сезона. Бодот е голем како куќа и апсолутно заслужен според начинот на кој вардарци играа и се бореа.

Голманот Петар Ангелов бранеше како во најдобрите денови, собра 13 одбрани, ја креваше публиката на нозе со страшно атрактивните потези, но Вардар сепак немаше сили за подвиг.

Чипурин пријатно изненади со 6 гола, сите во вториот дел, а Дибиров и Душебаев потврдија дека руско-шпанската врска одлично функционира во Вардар и постигнаа по 5 гола.

Кај ПСЖ Хансен беше прв стрлец со 7 гола, Хрватите Вори и Копљар постигнаа по 4 погодоци, а Абало 3. Голманот Анонај беше одличен со 11 одбрани.

По 3 одиграни кола Вардар е на 5. место со 2 бода, а ПСЖ е пред нив со еден бод повеќе. Барселона е лидер со 5 бода, пред Динамо Минск и Металург со по 4, а Вакер Тун е фенерџија без бодови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top