
Норвешкиот состав со години наназад важи за еден од најдобрите во Европа, па дури и без помошта на првиот голман Легангер јасно е дека Ларвик е тим што многу скапо ќе си ја продаде кожата во Скопје, а македонскиот првак ќе мора да одигра најдобро што знае и умее ако сака да стигне до триумф.
„Вардарки“ во својата премиера во Лигата на шампионите славеа на гостувањето во Шпанија над Бера Бера, но Индира Кастратовиќ јасно стави до знаење дека не е премногу задоволна од изданието на своите избранички. Свесна дека денешниот ривал е многу посериозен, таа предупреди дека грешките од нападот од Шпанија мора да се намалат бидејќи Норвежанките се познати како тим со фуриозна контра и полуконтра, што лесно ги казнуваат сите противници.
„Сметам дека одигравме добро во одбраната во Шпанија, но во нападот непотребно се направија голем број на грешки. Ако ја повториме играта од одбрана од првиот меч и ги лимитираме грешките од нападот, тогаш ќе имаме шанса за добар резултат против Ларвик. Денешниот ривал е на нивото на едни Барселона и ПСЖ во машкиот ракомет и овој дуел сигурно ќе биде нов спортски празник, се надевам дека ќе ја имаме неопходната поддршка од трибините. Квалитетите на Ларвик ни се добро познати, знаеме колку се опасни при транцизијата и преку контра-нападите и ќе мораме да го запреме тоа нивно главно оружје“ – изјави Индира Кастратовиќ.
Само за потсетување, ЖРК Вардар во рамките од првото коло на гостински терен славеше над Бера Бера со 19-23, додека Ларвик пред своите гледачи го декласираше хрватскиот состав Подравка со 34-18.
Извор: екипа.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


