Во Миравци денеска е пуштена во употреба реновираната железничка пруга од Коридорот 10 на делницата Миравци-Смоквица во должина од 12,4 километри.
На настанот присуствуваат министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, генералниот директор на Македонски железници Оливер Дерковски, директорот на „Инфраструктура“ Ирфан Асани и градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов.
Министерот Јанакиески истакна дека последниот ремонт на пругата е направен пред 43 години и оти денеска оваа делница е целосно реновирана, а во финална фаза е и делницата Табановце-Куманово.
– Ова е само првиот дел од предвидениот ремонт на 55,4 километри пруга на Коридорот 10 со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој во висина од 17,6 милиони евра, додека вториот дел ќе се состои во ремонт на делницата Ногаевци-Неготино во должина од 31 километар, нагласи Јанакиески.
Директорот на МЖ „Инфраструктура“, Ирфан Асани информира дека ремонтот се состоел од комплетна замена на дотраените дрвени прагови со армирано-бетонски, замена на шините со нови, како и прочистување на стариот толчаник и замена со нов.
– Сега постоечките шест патни премини на овој дел се изработени со горен строј од рециклирана гума и се многу побезбедни при преминување, а исто така и пероните на стојалиштата во Милетково и Стара Смоквица се реконструирани со вградување нови армирано-бетонски елементи, рече Асани.
Со ремонтот на пругата Миравци-Смоквица се овозможува возење со брзина од 100 до 120 километри на час и поголема сигурноста во железничкиот сообраќај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се запали експресен воз во Германија, евакуирани 500 патници
-
Од Скопје до Солун само со автобус: Укината железничката линија!
-
Шилегов и МЖ промовираат вело-железнички јавен превоз, а Македонија останa без ниеден меѓународен воз
-
Македонските возови од наредниот месец нема да сообраќаат надвор од државава


