| четврток, 6 декември 2018 |

Има среќа за тој што сака да ја види

Зошто Македонци се несреќни?! Генерално, поради лошата економска состојба, невработеноста, средината во која работат. Тркалото се врти. Истите тие еден ден, можеби, ќе станат и богати, и вработени и доброплатени? Но дали тогаш, навистина, ќе бидат и среќни!?

Неодамна Организацијата на обединетите нации го објави извештајот во кој се мери среќниот, слободен и безгрижен живот на луѓето.

За тоа колку е среќна една нација беше мерено според неколку критериуми, меѓу кои реалниот домашен бруто-производ по жител, здрав животен век, личност на која може да се потпрете во животот, донесување слободни животни одлуки, слобода од корупција и великодушност.

Во истражувањето се опфатени 156 држави од целиот свет, Македонија се најде на 118. место.

– Зошто моите Македонци се несреќни – и знам и не знам. Генерално, поради лошата економска состојба, невработеноста, средината во која работат. Тркалото се врти. Истите тие еден ден, можеби, ќе станат и богати, и вработени и доброплатени? Но дали тогаш, навистина, ќе бидат и среќни!? – вели новинарката Соња Алексовска – Неделковска.

Токму ова прашање повторно ја отвори вечната полемика за тоа што е среќата. Одговор што навидум е едноставен – здравје, пари, успех.

– Генерално, може да се каже дека среќата зависи од тоа колку ни се задоволени основните психолошки потреби. Една од нив е потребата да бидеме компетентни, односно да имаме можност да ги реализираме своите личности потенцијали. Следна е потребата за автономија, односно потребата одлуките и активностите што ги правиме во животот да произлегуваат од нас самите, од нашите лични ставови, убедувања и да бидат во согласност со нашите права. Третата потреба е да имаме можност да градиме и одржуваме задоволителни врски со лица што ни се значајни – вели доц. д-р. Огнен Спасовски, стручњак во областа на добросостојбата и на среќата.

Според него, среќата на граѓаните во едно општество е огледало на тоа колку е тоа општество добро затоа што покажува колку тоа општество успева да ги задоволи нивните потреби и да овозможи општ развој на личноста.

– Во контекст на истото прашање, треба да се направи една разлика: дали луѓето во Македонија се меѓу најнесреќните или се меѓу најмалку среќните. Коректно е второто. Овие две нешта не се доживуваат на ист начин, иако некој ќе си рече дека е игра на зборови. Сепак, повеќето луѓе во Македонија не би се согласиле дека се многу несреќни. И тоа е точно. Но, точно е и тоа што со години, на меѓународните споредбени студии, жителите на Македонија се меѓу најнискорангираните според нивото на среќа – нагласува доц. д-р Спасовски.

И во анкетата спроведена на крајот на минатата година од БРИМА, македонскиот член на „Галуп интернешнел“, се вели дека речиси една половина од македонските граѓани се среќни, поточно 44 проценти од македонските граѓани. Дванаесет проценти одговориле дека се несреќни, 42 процента ниту се среќни ниту, пак, несреќни, а еден процент одбиле да дадат одговор.

– Среќата претставува ментална состојба на добросостојба придружена со позитивни емоции почнувајќи од посветеност до интензивно задоволство. Среќата може да се изучува, дефинира и да се следи преку нејзината биолошка основа, психолошка, религиозна, но и филозофска – вели Сања Ангеловска, дипломиран психолог во статија објавена на порталот „За здравје“.

– На прашањето дали во Македонија е можно да си среќен, би рекол, веројатно, е можно. Но, очигледно е дека тоа зависи од многу фактори што се тесно поврзани и, за жал, не постои формула со која би се влијаело на еден сегмент со што би се анулирале влијанијата на другите. Споменатите резултати се последици на многу појави и процеси и би било несериозно да се даде инстант-совет или препорака како нашите сограѓани да станат среќни – додава доц. д-р Спасовски.

Уште од златната доба на античките Грци филозофите ја толкувале среќата како човеково блаженство, а личната среќа и благосостојбата како најголемата цел по која тежнее човекот.

Основата на сите овие одговори лежи во еден единствен збор – рамнотежа. Да се тежнее кон постигнување на златната средина во која човекот ќе направи рамнотежа меѓу својата работа, семејството, пријателите. Можеби еден од најпростите одговори на прашањето за среќата го дал култниот режисер Алфред Хичкок во едно интервју:

– Бистар хоризонт – да не се грижиш за ништо, на ум да имаш нешта што се креативни а не деструктивни…Не можам да поднесам расправање, не можам да поднесам лоши чувства меѓу луѓето – омразата е залудно потрошена енергија и е непродуктивна. Многу сум чувствителен, еден остар збор, кажан од некој нервозен човек, ако се однесува на мене, ме прогонува со денови. Знам дека сме само луѓе, дека имаме различни емоции, да ги наречеме негативни емоции, но кога тие ќе се отстранат, кога можеш да гледаш напред, патот да е чист и да си пред некакво создавање – тоа го нарекувам најголема среќа.

Srekja-vo-Makedonija-3

Да гледаме напред, да не живееме во минатото

Што ги прави Македонците среќни или несреќни?! Одговорот на ова прашање го побаравме од неколку познати македонски личности, од различни професии.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вели дека е среќна којга гледа дека и домашните се среќни.

– Јас сум среќна жена кога домашните ги гледам расположени и среќни, јас сум радосна кога им предавам на моите студенти, кога ќе постигнам зацртана цел и кога мојата креативна енергија ја насочувам кон работа што е корисна за општеството и од која другите луѓе стануваат среќни . На луѓето што живеат во Република Македонија им недостасува сигурност и јасна перспектива за нивната иднина. Долгиот процес на транзиција создаваа чувство на колективна самоизолираност, несигурност и социјална апатија. Република Македонија треба да ги насочи своите сили кон креирање на својата светла иднина која ќе биде поттик за промена на расположението на граѓаните на Република Македонија – вели таа.

Ракометарот Наумче Мојсоски , за кој многумина имаат забележано дека пред секој натпревар се прекрстува, смета дека природата на луѓето во Македонија е работите да ги сфаќаат трагично.

– Вистина е дека финансискиот дел е на пониско ниво од што треба, криза има насекаде во Европа. Но, ние сме такви, работите ги земаме при срце. Еве, како пример ќе го дадам моментот кога ќе загубиме натпревар, тргнувам од себе – ако натпреварот е во сабота, јас паѓам болен до понеделник. Така и сите други. Кубеме коса три дена, штом ќе ни се случи нешто лошо, на тоа гледаме како да е крај на светот, кукаме и се затвораме во себе. Живеев во Шпанија, таму еден час по загубениот натпревар веќе не се зборува на таа тема. Тоа е тоа, лош ден, ќе работиме следниот пат да биде подобро. Навистина треба да гледаме напред, не може да се живее во минатото.

Пејачката Маја Сазадновска вели дека сите ние имаме различна визија за среќа:

– Во различни етапи во животот сметаме дека токму ова е мојата среќа, но на крајот на денот погледот, допирот, зборот и прегратката од најблиските, од вистинските пријатели, се моментите што го прават животот убав и среќен!
Тоа го имам секојдневно!

Што им недостига на луѓето во Македонија за да бидат среќни? Веројатно недостига повеќе верба во себе, во околината…
Среќата е емоција што нѐ следи кога сме добро расположени и искрени, но нема да се правам паметна! Среќен е тој што дава и што добива назад, скромен и мал, но кој прави добри дела!

Во последно време ме води мислата што вели трпение спасение! Среќна сум, имам топли очи што ме гледаат секојдневно и ми ја исполнуваат душата со среќа, а на лицето мое секојдневно цртаат голема насмевка.

Srekja-vo-Makedonija-2

Утре е нов ден

„Среќата е значење и смисла на животот, исполнета цел и крал на човековата егзистенција“
Аристотел

„Завршете го секој ден и тоа засекогаш. Сте направиле сѐ што сте можеле, некои грешки и апсурди се вовлекле, но заборавете ги најрано што можете. Утре е нов ден, треба да почнете спокојно и доволно ентузијастички за да не ве оптоваруваат старите глупости“
Ралф Валдо Емерсон

Актерот Гораст Цветковски, пак, смета дека и ситните работи може да го направат човек среќен:

– Колку сум јас среќен? На скалило до 100 би се движел 85-100… во зависност од временската прогноза. Многу работи ме прават среќен. Големи или ситни, неважно. Прв снег, празен паркинг, нова улица, чист тревник, нова игра, шпагети со мојата домашна банда… За среќа, во животов има повеќе работи што ме прават среќен отколку тажен.

На прашањето зошто Македонците се несреќни, одговара:

– Зошто Македонците се несреќни? Хм… тешко прашање. Имам впечаток дека поголемиот дел од нашиот несреќен народ се чувствува малку инфериорно во својата земја. Дека никогаш не е заштитен и дека многу лесно може да биде излажан и изманипулиран, дека на друго место би му било подобро…. Сепак, ова е мое мислење…

Данците се најсреќни

Најсреќни, според извештајот на ОН, се жителите на Данска, по нив се Норвежаните, а третото место го држат Швајцарците.

Од регионот, само Бугарите се понесреќни од нас, и се наоѓаат на 144. место.

На дното на извештајот се најдоа Централната Африканска Република, Бенин и на 156. место е Того.

Новинарката од Дневник, Соња Алексовска – Неделковска, во животот поминала повеќе операции. Здравствените проблеми ја направија да биде поголем оптимист во животот. Вели во секој миг има среќа за тој што сака да ја види:

– Божјата волја не е да бидеме среќни, туку да се направиме среќни. Оваа библиска поука е мојот патоказ низ животот. Во секој миг има среќа за тој што сака да ја види. Се обидувам секојдневно да ја пронајдам – наутро во погледот од прозорец кон Вардар, по патот до работа во пејзажите на мојот Карпош , во кој живеев уште како студент. Секој ден ми навира некоја убавa случка од студентските потстанарски денови.

Попладне – во заедничкиот ручек со моите најсакани, синот Филип и сопругот Огнен. Во текот на денот се случува некој да го насочи „ножот“ кон мојот грб или да упати отровна стрела со збор. Луѓето ќе ти наштетат толку колку што ќе им дозволиш. Научив да се бранам.

Во вечерните часови разговорот со мојот син Филип за неговите тинејџерски лудории и размисли е вистински мелем за добра ноќ.

Да, јас сум среќна! Бев среќна и кога девет пати се будев под рефлекторите во салата за операции. Чудно, нели! Но кога, спроти вас во болничката соба лежи млада девојка или мајка на две малолетни деца, која се бори со најтешката болест, си велиш „ти благодарам, Господе“. И продолжувам напред. Се обидувам да бидам среќна денес и не зборувам за вчера.

Пред неколку дена семејно го обележавме шестгодишниот помен на мојот покоен татко. Тагата ја излеав во моите солзи. Потоа ми се појави насмевка, која ја потврди мојата среќа што го имав за татко човекот со најблагородната душа.

Пишуваат: Марина Костовска и Владо Оцевски
(Текст објавен во 55. број на неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top