Дрим-тимот на Пари Сен Жермен ќе атакува на бодовите против Металург и ја има фаворитската улога на утрешниот меч од 18 часот во Скопје, но со респект гледаат на ланскиот четврт-финалист во Лигата на шампионите.
„Реновираниот состав на ПСЖ е подготвен за предизвикот во Скопје против Металург. Противникот е за респект, а резултатите во последните неколку сезони на тимот од Скопје се за почитување. Преклани се пробија до осминафиналето, а лани беа четврт-финалисти, што е успех за респект. Го купија Павел Атман, вклучија дури 7 младинци во сениорскиот состав и сега се добра комбинација на младост и искуство. Го спуштија просекот на години од 31 на 25, а сепак се доволно искусни со доста настапи во Лигата на шампионите“, стои на официјалната клупска страница на Пари Сен Жермен.
Французите објавија дека на пат за Скопје не тргнаа Габор Часар и Захарија Н`Даје, но тоа воопшто не го намалува екстра-квалитетот на ПСЖ. Со најголем буџет во историјата на Лигата на шампионите од цели 13 милиони евра, „светците“ од Париз направија моќен состав.
Ги предводи еден од најдобрите бекови на планетата Микел Хансен, со него во тимот се француските легенди Абало и Нарцис, „триколор“ е и левото крило Онрубија, тука е хрватскиот трилинг Вори, Копљар и Гојун, потоа исландското дуо Гунарсон и Халгримсон, голманите Анонај и Сиера, шпанскиот ас Гарсија и балканското дуо Мелиќ и Бојиновиќ.
Сите линии во составот им се одлично „дуплирани“ со светски ракометни ѕвезди и, како што вели Лино Червар, тие се во кругот на најтесни фаворити за шампионската круна, веројатно и претендент број 1 за титулата.
Металург има проблем со неиграњето на Филип Миркуловски, кој заработи автоматска суспензија по исклучувањето против Тун, а патем синоќа го оперираше десното колено во Австрија и ќе паузира од 6 до 8 седмици. Павел Атман се пожали на повреда, но тој би требало да игра, а неизвесен е и настапот на пикерот Никола Марковски.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


