
Разводот ќе стане луксуз во Русија. Државата има план значително да ги зголеми трошоците за развод. Рускиот премиер Дмитриј Медведев го поддржа предлогот за зголемување на трошоците за развод на бракот за да се обесхрабри склопувањето на лоши бракови.
Според него мотивите на предлогот се јасни: вклучете го мозокот пред да се жените оти во спротивно ќе следат парични санкции. Медведев,смета дека е во ред трошоците за развод да се зголемат од десетина на 700 евра.
Скапите разводи се многу ретки во Русија која има многу едноставна бракоразводна постапка која најчесто завршува со само едно рочиште во матичната служба. Адвокатката Карина Краснова од компанијата “Руски развод” вели дека постапката во Русија е многу евтина оти не е нужно ни да се ангажира адвокат.
Според податоците на ОН, Русинките се на 15. место во светот според покренување на бракоразводни постапки, а руските мажи на 28. место. Советскиот Сојуз беше една од првите земји која воведе можност за развод без никакви објаснувања и образложенија за мотивите оти бракот се сметал за наследство од буржоаското минато.
Медведев беше претседател на Русија помеѓу два мандата на својот неодамна разведен ментор Владимир Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


