Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, в понеделник во Њујорк ќе се сретне со медијаторот Метју Нимиц, јавува МИА од Брисел.
Средбата Филе – Нимиц се случува на помалку од еден месец од најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Филе, пишува МИА, сака да се увери дали навистина е дотолку заглавен спорот, што се разбра од последната прес-конференција на Нимиц во Скопје. Од неговиот кабинет велат дека средбата е во контекст на неговите редовни контакти со заинтересираните страни.
Јасно е дека намерата на Филе е да “опипа пулс” со цел да знае дали на 16-ти октомври, како и лани да предожи нешто слично во однос на тоа Македонија да ги почне преговорите за членство со решавање на наметнатиот спор од Грција во раната фаза од преговорите.
Како што е познато, посредникот Нимиц минатата недела во Скопје откри дека Грците не отстапуваат од тврдите позиции за име за севкупна употреба за Република Македонија со промена и на Уставот и да не се впишат македонскиот народ и јазик како државни на земјата. Тоа се протолкува како пат-позиција во однос на спорот за името, што на Европската унија најмалку и одговара, со оглед на тоа што Македонија е девет години земја-кандидат, а четири години по ред добива позитивни препораки да ги започне пристапните преговори, што Грција го блокира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


