Интересен случај е премиерниот дуел од Лигата на шампионите што ќе се играв сабота во Скопје меѓу Вардар и Барселона, поради братската „пресметка“ меѓу нашите репрезентативци Кирил Лазаров и Филип Лазаров, а уште двајца браќа ќе бидат на различните страни. Алекс Душебаев е најновото засилување на македонскиот шампион, додека во младинската Академија на Барселона ракометот го учи неговиот брат Даниел. За кого ќе навива легендарниот ракометен ас и нивни татко Талант Душебаев? Алекс нема дилеми и вели дека Душебаеви ќе го бодрат Вардар.
„Да, мојот брат игра за младинскиот тим на Барселона, но јас мислам дека во сабота семејството ќе навива да победи Вардар. Татко ми немаше посебни совети, ми рече само да играм најдобро што можам и да му помогнам на мојот тим во овојзначаен меч што ни претстои“, вели 20-годишниот бек за официјалната страница на РК Вардар.
Барселона е голем фаворит предводена од Кирил Лазаров, Никола Карабатиќ и дузина светски ракометни ѕвезди, но Вардар има свои адути, а еден од нив е и Алекс Душебаев, момче што има искуство со настапите во силната шпанска АСОБАЛ лига.
„За нас најважно ќе биде да ја поминеме групната фаза и да се пласираме во Топ 16 во Лигата на шампиони. Тоа е нашата главна цел, а потоа ќе видиме. Што се однесува за противниците во групата, играме во силна група со многу добри екипи. Мислам дека ќе имаме многу квалитетни и интересни натпревари. Премиерата против Барселона ќе биде посебен натпревар, бидејќи ова ќе ми биде прв меч за мојот нов тим, Вардар, во Лигата на шампионите и тоа токму против гигант каков што е Барселона. Тоа е еден од најдобрите тимови во Европа. Ќе биде многу убаво“, вели новото засилување на Вардар.
Мечот ќе се игра од 18,15 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а час и половина претходно во дуел од истата Ц група, премиерата ќе ја има и вториот наш тим Металург, против Вакер Тун во Берн, Швајцарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


