Хрватска е третио полуфиналист на Европското првнество во кошарка во Словенија по убедливата победа од 84-72 против Украина. Предводени од извонредниот Крунослав Симон, кој постигна 23 поени, со шут за тројка 5 од 8, „коцкестите“ ја прекинаа непријатната серија од 4 порази во четвртфиналните мечеви на последните четири големи натпреварувања. Последен пат Хрватите играа за медал на ЕП пред 18 години.
Клучната разлика победничкиот состав ја направи во втората четвртина што ја доби со 29-13. Фуриозни беа налетите на Хрватите во тој период, а Украина немаше решение и ќе чека нова шанса за прво и историско полуфинале на ЕП. Натурализираниот кошаркар од САД, Јужин Џетер беше најефикасен кај поразениот состав со 19 поени.
Хрватите ќе играат за финале против подобриот од вечерашното последно четвртфинале меѓу Литванија и Италија, Тој дуел ќе се игра од 21 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


