Во скопската населба Чаир, на околу еден километар откако ќе се помине Јаја-пашината џамија, поточно во самиот негов (официјален) центар, годинава две реалности се судираат една до друга.
Едната е џамија, но не таква каква што веднаш си ја замислувате. Тоа е, всушност, целиот долен кат, приземје на една зграда, на кој, едноставно, пишува – џамија. Нема минариња, но затоа има нивни цртежи. Внатрешноста личи на вистинска џамија, широк простор и симетрично наредени столбови. Има два влеза и на секој од нив огромен простор за оставање чевли. Пред џамијата два огромни звучника, поврзани со најмодерен дигитален систем. Наоколу рекламни паноа со името на оџата, кој ги повикува верниците на молитва. Лево од оваа чудна џамија се отворени маркет и кафуле (во истата зграда), а наоколу се паркирани автомобили. Сценографијата (ако се тргнат сликите од минарињата) повеќе личи на дискотека отколку на верски објект.
Но, тоа е баш тоа, џамија. Оџата не го интересира што ги вади од памет околните жители сосе нивните бебиња уште во четири часот наутро кога двата звучника грмат молитва. Вистинско чудо е како досега не попаѓаа стаклата на џамијата и на околните згради.
И уште една работа ќе забележи внимателниот набљудувач: верниците ги има многу малку во џамијата. Всушност, и во време на молитвата повеќе луѓе има во кафулето и во маркетот, отколку во џамијата. Слаб ефект од големите рекламни паноа на оџата.
Потребно е да направите само уште десетина чекори понатаму кон некогашната социјалистичка самопослуга, а сега „Тинекс“, за да се види една друга реалност. Тука до пред само неколку месеци имаше прекрасен мал парк. Децата од околните згради си играа, а соседите редовно чекаа на ред за бурек и за симитка пред малата дивопоставена сендвичарница. Други чекаа на ред за бербер во, исто така, дивопоставена берберница веднаш зад бурекчилницата. И двете ги нема, сосе малиот парк. Речиси цела година на околните жители им се велеше дека тука ќе им зграда, за наеднаш да никне – џамија. Но, оваа е вистинска, со минаре и со сите други нишани. Албанците во околината им велат на Македонците: Оваа џамија многу ни треба, мора да ги спречиме вахабистине да се шират (мисли на првата џамија).
За вистинското сфаќање на некои термини од Исламот, за стигматизирањето на оваа религија и за борбата на двата Џихада (оној на вистинскиот Ислам и оној на екстремистите) во Македонија, прочитајте во наредниот број на неделникот Република, кој во продажба е од утре, петок 13 септември 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



