Дејан Манасков повторно ќе биде голем адут на Металург, во новата авантура во Лигата на шампионите, која е на дофат по блескавата победа против ПИК Сегед од 26-16. Брзото крило го имаше својот камбек на терените по тешката повреда на коленото и со шест погодоци беше најпрецизен во таборот на Металург против Унгарците.
„Имав мала трема пред натпреварот, не знаев како ќе се одвиваат работите за мене и за тимот, но сега слободно можам да кажам дека сум пресреќен од она што се случи. Сите одигравме одличен меч и заслужено победивме, а што се однесува до мене, се чувствував како никогаш воопшто да не сум бил повреден“ – е изјавата на Манасков за спортскиот портал „Екипа“.
Тренерот Лино Червар настојуваше да не дојде до еуфорија по првиот меч и убедливата победа од 26-16 со што нашиот вицепрвак широко си ги отвори вратите кон елитното европско натпреварување. И Манасков, како и останатите членови на тимот, е свесен дека и преостанатите 60 минути од овој двомеч ќе треба да се одиграат во ист ритам како и во Скопје.
„Ништо не е готово, ние ги добивме на домашен терен со десет гола разлика, што не значи дека и тие не можат да го повторат истото. Можеби ќе се обидат со груба игра и со провокации уште од самиот почеток да не исфрлат од ритам, но ние сме подготвени на се и верувам дека ќе дојдеме до резултат што ќе не одведе во Лигата на шампионите“ – вели еден од најталентираните ракометари во Европа.
Металург попладнево замина за Сегедин, каде в недела од 19 часот ќе го игра реваншот со ПИК Сегед.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


