Прекрасно кошаркарско шоу приреди Ѓорѓи Чековски против Босна и Херцеговина во последниот дуел на македонската репрезентација во Улм на Суперкупот што го освоивме со 3 победи и без пораз. Предмалку ја победивме селекцијата на Босна и Херцеговина со 93-84, во меч што мина во знакот на Чековски. Крилниот центар на нашата селекција имаше блескав ден и со 33 поени беше најзаслужен за победата. Со серија од 13 поени во последната четвртина Чековски ја разби одбраната на БиХ, а процентот на шут од поле му беше извонреден над 60 проценти. Упати 16 удари погоди 11 пати, а особено беше расположен за шутирање тројки. Во тој сегмент Чековски беше неверојатен со 6 погодени од 7 обиди.
Одлично одигра и Владо Илиевски со 20 поени, а и тој биеше прецизно во серија кога се одлучуваше мечот. По три периоди губевме со 10 поени разлика, натпреварот го игравме без капитенот Перо Антиќ, кој беше поштеден од селекторот Алеш Пипан, но покажавме дека имаме искусна и мошне квалитетна екипа. Илиевски и Чековски беа лидери во отсуство на Антиќ, а добро одигра и Војдан Стојановски со 12 поени и 6 скока. Мекејлеб даде 8 поени, Дамјан Стојановски уфрли 6, колку што постигна и Гечевски.
Фото: ЕПА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


