
Директни летови од Скопје до Брисел, Франкфурт и Париз ќе воведе нискотарифната авиокомпанија „Виз ер“ од април следната година со субвенции од македонската влада.
Авиокомпанијата, што веќе оперира кон десет европски дестинации со субвенции од македонската влада, кон новите три дестинации ќе сообраќа двапати неделно, а цената на билетите ќе чини најмалку 1.500 денари.
Плановите за развој денеска на прес-конференција ги објавија извршниот потпретседател на „Виз ер“, Џон Стивенсон, со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Авиокомпанијата од април следната година ќе пушти во сообраќај и нов патничкки авион „ербас А-320“, со што го зголемува својот возен парк по воспоставената база на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.
Јанакиески и Стивенсон најавија дека „Виз ер“ ќе ги зголеми фреквенциите на летови за постојните дестинации. До Малме ги зголемува летовите од пет на седум во неделата, кон Базел наместо трипати ќе сообраќа петпати, кон Дортумнд и кон Ајндховен се зголемуваат летовите од два на три, кон Гетеборг од два на четирипати и кон Минхен, исто така, од два до трипати во неделата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


