| четврток, 6 декември 2018 |

Овчарот Иснифарис повторно на слобода

isnifariНајпознатиот овчар во земјава, Иснифарис Џемаили, од аферата „Бачило“,  е надвор од затворот „Идризово“. Според „Утрински весник“, со потпис од министерот за правда Блерим Беџети, му било дозволено да го напушти затворот и да замине на едномесечно лекување. Ваквото решение било испратено и до Основниот суд Скопје 1, со кое тој се информира за прекинот на издржувањето на затворската казна на еден од најпознатите затвореници во земјава.

– Точно е дека Иснифарис Џемаили од неодамна е пуштен на лекување. Добивме комплетна документација, наоди и мислење за неговата здравствена состојба од лекарите во затворот. Поради неодамнешната лекарска интервенција на срцето и потребата тој да го продолжи лекувањето, му одобривме прекин на издржувањето на казната во период од 30 дена – потврдува за „Утрински весник“ министерот за правда, Блерим Беџети.

Најпознатиот овчар од тетовско Камењане вторпат го напушта најголемиот затвор во земјава заради лекување. Првиот пат кога беше пуштен, шеесет и шестгодишниот Џемаили повеќе од една година не се појави во затвор поради што судот издаде наредба за негово приведување.

Тој треба да одлежи затворска казна од 3,5 години за криминалот со наплата на обесштетување од државата во висина од 720 илјади евра за наводно гранатирано бачило во 2001 година, потсетува весникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top