| четврток, 6 декември 2018 |

Заедничка седница на македонската и на бугарската влада во Ќустендил

vladaМакедонската и бугарската влада в недела, на 28 јули, ќе одржат заедничка седница во пограничниот бугарски град Ќустендил. Според информациите, се очекува на средбата од македонска страна, покрај премиерот Никола Груевски, да присуствуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски. На средбите ќе стане збор за унапредување и продлабочување на добрососедските односи, за прашања од интерес на двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на регионот, продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и други прашања од заеднички интерес.
Од македонската влада велат дека ова е позитивен чекор во придонесувањето на унапредувањето на добрососедските односи и продолжување на позитивната практика на одржување средби со раководствата на соседните држави и заеднички владини седници со соседните земји, како што беше седницата со српската влада, скорешната со Бугарија во Ќустендил, а има расположение и позитивен одговор на македонските иницијативи за заеднички владини седници и од Албанија и од Косово.
Оваа средба е во функција на продлабочување на меѓусебните односи и унапредување и развој на добрососедските односи, порака за иднина на регионот интегриран во европските и евроатланстките интеграции, и можност да се дискутира за повеќе прашања, како што се зголемување на економската соработка, надминување на предизвиците, за покрупните инфраструктурни проекти од кои имаат интерес граѓаните на двете земји, за трговска размена и соработка во земјоделството и за други прашања од интерес на двете земји, во секој случај ова е позитивен соседски дијалог и соработка и позитивен исчекор за перспективите на регионот, вели во изјава за МИА владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Во рамките на седницата ќе се одржат и премиерска средба меѓу премиерите Груевски и Орешарски, и поединечни средби на присутните членови на владите од двете страни, за потоа да се заокружи средбата со заедничка пленарна меѓувладина седница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top