| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себеси

Шефот на македонската држава денеска, пак, имаше предавање на универзитетот во Вроцлав, во кое истакна дека „Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и од правото на самоопределување“.

-Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара тоа да се применува erga omnes – и за меѓународна, и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам, рече тој во обраќањето.

Со Спогодбата, како што наведе македонскиот претседател, „ќе се преименуваат институциите, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет“.

-Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Во предавањето претседателот Иванов се осврна на делото на Блаже Конески, кој како лингвист и книжевник се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик и кому во 1973 година му беше доделен почесен докторат на Универзитетот во Вроцлав.

Иванов рече дека македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со многубројни оспорувачи, кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top