| четврток, 6 декември 2018 |

Мицковски: Ваков степен на некомпететност, ароганција и самобендисаност не е видено

Денес кога се има моќта и можноста нешто да се направи, а ништо не се прави, се гледа целата измама која им се направи и штетата која им се нанесува на многу чесни граѓани, кои веруваа што во револуции, што чисто во промени.

Митот на граѓаниот кој влегува во Собрание, во општина, во Влада, и ги полни просториите на моќта, под услов воопшто таму да се наоѓаат, со демократски вибрации, очигледно постои само на филмови.

Моќта е микс на насилство и ванитозност ама претпоставува и некаква компетентност, искуства, знаења, за тие што измамата ја сервираат или голтаат, со цел утре нешто и да сработат.

Преваранти и неспособни оваа држава и институциите виделе едно чудо во овие 27 години. Ама вакво ниво на измама, ваков степен на некомпететност, ваква негрижа барем да се одржи формата на лагата која ладно беше сервирана, не е видена. Кој можеше да претпостави толкав степен на ароганција и самобендисаност.

И во реалноста многу од фигурите и личностите, глумците на измамата, пратеници, советници и министри, веќе се реално паднати. Би требало да паднат со оставки и да си се вратат на работите што претходно ги немале, но тоа не се случува и нема да се случи.

Но, суштински се паднати во очите на овој кутар и измамен народ. Да се гледа што коментари има народот за нив после само 2 години откако ги издигна до херои, предизвикува повеќе чувство на жал и туѓ срам отколку некаков бес.

За првиот што ќе се откаже и ќе каже, одам бе да се вратам да бидам активист, стажант, студент, оџачар, и нешто навистина да научам пред вакви јавни авантури и бламажи, ќе купам една убава флаша, што и да им се пие.

Тогаш ќе седнеме, рака на рамо, и помеѓу голтките ќе воздишуваме и ќе наздравуваме како сме се спасиле.
И тој/таа, и ние останатите.

 

Фејсбук статус на Ивор Мицковски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top