| четврток, 6 декември 2018 |

Мајка му тврди дека се дрогирал со капки за очи: Пронајден мртов фудбалер на Локомотив Москва

Младиот фудбалер на Локомотив Москва, Алексеј Ломакин (18), пронајден е мртов, а деталите за трагедијата сè уште не се познати, соопштија од рускиот клуб.

– Ние сме шокирани од трагедијата, чии детали се испитуваат. Сочувство за неговото семејство и пријателите, се вели во соопштението на московскиот тим.

Русинот исчезнал во петокот, а неговата мајка го пријавила исчезнувањето во полиција. Тој се упатил кон тренинг-кампот на Локомотив, и оттогаш му се губи секаква траги. Ломакин бил на третман за повредата што ја добил во ноември.

Неговата мајка изјавила дека тој се дрогирал со капки за очи, односно повремено ја користел медицинската супстанца тропикамид, која го правела абнормално да се однесува. Оваа супстанца во Русија се злоупотребува како евтина делириумска дрога и може да се најде во капките за очи.

Оваа сезона тој дебитираше за првиот тим, а со младинската екипа учествуваше и во Лигата на шампионите. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top