| четврток, 6 декември 2018 |

На предлог на СЈО, судот му го укина притворот на Сашо Мијалков за „Таргет-Тврдина“

Притворот за поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, за предметот „Таргет-Тврдина“ на предлог на специјалното јавно обвинителство е укинат, потврдуваат од кривичниот суд. Оттаму информираат дека СЈО во исто време кога побарало нов притвор од 30 дена за истрагата за „Империја“, предложило да му биде укинат притворот на Мијалков за обвинението за масовното прислушување, а судот го прифатил ваквиот предлог.

Тоа значи дека за Мијалков на сила останува новиот притвор од 30 дена кој му беше изречен синоќа за истрагата во случајот „Империја“, а притворот за обвинението за масовното прислушување кој му беше изречен на 20 ноември му е укинат. Следнава недела во Апелацискиот суд во Скопје требаше да се одржи седница по жалбата на Мијалков да се брани од слобода.

Адвокатскиот тим на Мијалков има 24 часа да поднесе жалба на решението до кривичниот совет на скопска единица за притворот во случајот „Империја“. За Мијалков во моментов има 4 активни обвиненија за случаите: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“ и „Титаник 2“.

Во случајот Империја, СЈО поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело, гони 14 лица, а истрагата најавија дека ќе се проширува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top