| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Мијата во Македонска филхармонија

Камерната сала на Македонската филхармонија ќе биде местото каде што на 30-ти ноември (петок) во 20 часот, ќе се одржи концертот на Мијата, наречен „Јаболки и круши за уметнички души”, акустична кабаре претстава и одлична симбиоза на музиката и театарот.

– Создадовме прекрасен перформанс кој изобилува со моја музика изведена од повеќе акустични инструменти како што се гитара, контрабас, перкусии, пијано… За уживањето да биде уникатно, на сцената ќе има и пантомимичар и рецитатор. Овој акустичен кабаре концерт ќе биде вистинско уживање за публиката, органска музика за сите сетила – вели Мијата.

Режијата за овој акустичен кабаре перформанс е на Војо Цветановски, а „делото“ го сочинуваат: Мијата како вокал, Мето Јанакиевски во улога на пантомимичар и физички театар, Ајхан Куртов на пијано, Зоран Костадиновски (акустична гитара), Ратко Даутовски (кахон и перкусии) и Кирил Туфекчиевски на контрабас. Ангела Здравковска ќе биде придружен вокал, Тања Рибарска ќе ја има улогата на инспициент, а за рецитациите ќе биде задолжена Јелена Мијатовиќ.

Преку „Јаболки и круши за уметнички души” Мијата ја раскажува својата приказна преку своите песни, но на еден многу интимен начин.

Ова е ретка можност еден вокален изведувач да се најде во улога и на актер и тоа во концертно издание. Мијата со сите овие уметници на сцена, ќе создаде едно ново видување на својата музика раскажано на акустичен начин и ќе ги соедини за миг, музиката и театарот.

Ова е чекор понапред во концептот наречен македонска забавна музика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top