| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски вети: Зората доаѓа, ќе ве поразиме на избори – ќе завршите на буниште

Шајка не заковаа. Се шетаа по телевизии и не убедуваа да гледаме низ нивните очила. Нема да ви дозволиме, нема да ве оставиме додека не ви го видиме тилот како ви излага од овде. Не пониживте, ќе ве поразиме. Ќе изгрее зора на слободата

Ќе ве поразиме жестоко на следните избори и ќе ви покажеме каде заслужувате да бидете – на буниште, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот пред Владата.

-Едно големо „Уаа“ за Зоран Заев. Припадниците на МВР ја чуваат Македонија од тој натрапник внатре, кој некаде се крие. Почнуваме и одиме низ Македонија за викенд, а секоја среда ќе сме пред Владата да го изразиме нашиот револт. Тој ќе биде изразен поинаку, со мирни протести. Нема да бидеме како нив, да кршиме и да фрламе, бидејќи ние ова го градевме. Ветија ќе ја тргнат оградата, а не ја тргнаа. Што е се плашите, од народот, рече Мицкоски.

Пред насобраните граѓани Мицкоски рече дека среќава многу луѓе кои го прашуваат зошто ВМРО-ДПМНЕ досега не излегло на протсти.

-Еве не излеговме и за националното понижување, но излеговме и за сите економски порази затоа што сме понесреќни, затоа што Македонија ни е посиромашна. Ќе се обединиме сите заедно за да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт. Зошто ни е на нас времето? Тоа ни е важно за да можеме поорганизирани и послотени да протестираме пред Владата. Да се собереме, што повеќе да дојдат сите слободно и да можат демократски да го изразат својот револт за овие национални понижувања кои ни се случуваат во изминатава година. Се сеќавате за програмата дека ќе дојде живот –  пекол ни донесоа и темнина, рече Мицкоски.

Тој додаде дека црнила и темнина надвладеаја над земјава.

-Ја повлековте Комисијата за јавни набавки за да склучувате договори во четири очи. По сите понижувања и распродажби на националните интереси, ние нема да ви дозволиме, ќе застанеме сите без разлика на нација. Ќе ви го покаже местото во историјата. Вие припаѓате на буниште, тоа ќе ви го покажеме на следните предвремени или редовни парламентарни избори. По овие црнила доаѓа зората која носи надеж за подобро утре за нашите граѓани. Ветуваа Гугл и Фејсбук ќе го донеселе. Шајка не заковаа. Се шетаа по телевизии и не убедуваа да гледаме низ нивните очила. Нема да ви дозволиме, нема да ве оставиме додека не ви го видиме тилот како ви излага од овде. Не пониживте, ќе ве поразиме. Ќе изгрее зора на слободата”, рече лидерот на опозициската партија.

Крајната цел, рече Мицкоски, на овој пат кој нема да биде лесен и едноставен се предвремени или редовни избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува победа. Тој очекува граѓаните да им се придружат на протестите.

Ќе дојдат  избори, еве претседателските доаѓаат, ајде тука жестоко да победи нашиот кандидат. Тоа  е првиот чекор за да ја ослободиме татковината од стегите и прангите, рече Мицкоски и додаде: Во мојот живот најважен е образот и честа. Секогаш кога ќе ги полните штабовите, кога ќе доаѓате до граѓаните и соборците, да им ја кажувате вистината. Нема да ветуваме тоа што не можеме да оствариме. Нема да донесеме чист воздух како што ветуваше некој политичар што сега се наоѓа во Владата. Но, ќе ветиме 30 отсто намалување на загадувањето во сите градови, да го оттргнеме црнилото врз сите градови и села”.

Откако Мицкоски, во придружба на насобраните граѓани ја исполни песната „Едно име имаме“, тој рече дека чувствува емоција, љубов, мотив за да го изоди патот до целта – победа на редовни или предвремени избори.

-Ќе дојде денот кога ќе одговарате сите до еден. Каде е министерот за МВР да излезе да каже за убиствата? Полесно му беше да го апси пратениците, да пушта полиција околу штабот, да претресува возилата кои излегуваат од штабот. Ќе дојдат избори, а како секогаш сакам да бидам искрен. За да има избори мора да се избориме. Ќе дојдат избори, еве доаѓаат претседателските. Ајде да победи нашиот кандидат. Тоа е првиот чекор кога ќе ја оствариме нашата победа. До тогаш ќе бидеме на улиците, оти така ќе дојдеме до триумф. Ветувам дека ќе работам три пати повеќе од нив за да ги победиме, а ќе работиме пет пати повеќе за да ја исправиме Македонија на нозе, да не е клекната, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски упати порака до тие кои не се присутни, а ја поддржуваат партијата.

– Ве повикувам сите да ни се приклучите, од сите нации и вери, да се обединиме и да ги поразиме овие кои се спроти нас. Ова не е битка за ден или за два. Ќе трае подолго. Ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме. Ќе ги победиме и новите поддржувачи кои останаа рамо до рамо со нив. Затоа ќе биде таа победа поголема. Зората ќе дојде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top