| четврток, 6 декември 2018 |

Партијата за движење на Турците го исклучи Ќахил, тој дознал од медиуми

Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) соопшти дека со одлука на партиските органи Аднан Ќахил е исклучен од партијата. Истовремено од премиерот Зоран Заев бараат тој да биде разрешен од функцијата министер без ресор.

-Ваквата одлука е природен епилог кој произлегува од неприципиелното делување на Ќахил, кој не само што ги отфрла програмските одредби и статутот на ТХП, туку и со својот неетички и недемократски пристап го нарушува угледот на партијата и етничката заедница која ја претставува. Статутот и вредностите на ТХП наложуваат исклучување на секој член кој ќе работи спротивно од интересите на партијата. Истовремено санкционирани се и другите членови кои беа инволвирани на слични противстатутарни акти, се вели во соопштението на партијата.

Ќахил во изјава за „Независен“ вели дека од соопштението во медиумите дознал дека е исклучен од партијата што ја формираше пред дваесет години.

Тој најавува судска разрешница на случајот, посочувајќи дека неговиот наследник на претседателската фунција во ТХП Енес Ибрахим не ги почитува процедурите и статутарните одредби на партијата.

– Не може да ме исклучат од партијата што јас ја формирав и за чиј почесен претседател бев избран на последниот конгрес. Конгресот ме избра за почесен претседател, а сега не знам кое тело на партијата ме исклучува – изјави Ќахил за „Независен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top