| четврток, 6 декември 2018 |

Царината заплени облека, електронски цигари, мобилни телефони, сребро…

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани облека, електронски цигари, мобилни телефони, рачен часовник, сребро, моторно масло, автоделови, регистарски таблички, стоматолошки инструменти и материјали, цигари и домашна ракија.

Задржана е следната стока:

– 710 парчиња облека, 1.200 електронски цигари и 2 мобилни телефони, откриени во три одвоени случаи, при контрола на три возила пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

– 9 килограми сребро и 1 рачен часовник марка ROLEX, откриени во два одвоени случаи на Меѓународниот Аеродром Скопје.

– 5 килограми тутун за наргиле, 4 килограми арома за наргиле, 2500 грама маџун, 1.050 бројаници, 365 верски предмети (приврзоци и книжни магнети со молитва), 175 магнети и 150 приврзоци за во автомобил, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал на Меѓународниот Аеродром Скопје со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 46 штеки цигари и 62 литри домашна ракија, откриени во два одвоени случаи на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на двајца патници кои имале намера да отпатуваат со лет за Малме.

– 90 литри моторно масло (9 туби по 10 литри), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавеното масло, пронајдено во багажникот и позади совозачкото седиште на возилото, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 6 парчиња автоделови и 2 комплети регистарски таблички и сообраќајни дозволи, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Ново Село.

– 2.195 парчиња стоматолошки инструменти и материјали (игли, бургии и колчиња за заби), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Деве Баир се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во најлонски кеси и картонска кутија сместени на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против сопатникот во возилото, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top