На осмото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови Анимакс Скопје Фест ќе бидат прикажани 62 анимирани филмови во официјалната програма, од кои 12 се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 29 ноември до 2 декември во Кинотека на Македонија , под мотото „Не понекогаш. Засекогаш. Анимакс Скопје Фест“.
Во четирите фестивалски денови на Анимакс Скопје Фест ќе бидат прикажани 50 краткометражни филмови и 12 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот, со исклучок на 30.12, кога програмата почнува од 21.30 часот. Билетите за проекциите во 20.00 часот чинат 50.00 денари. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 1 и 2 декември (сабота и недела) со почеток во 12.00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.
Во рамки на фестивалот ќе бидат организирани две работилници за анимација наменети за деца. Ментор на првата работилница на тема „Двајца се караат, сите губат„ се Илчо Симовски и м-р Марјана М. Симовска. Бојан Таневски, Стефан Николовски и Барбара Спасовска се ментори на работилницата за развој на карактери „Добар. лош, грд или убав – сè се тоа карактери“.
Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.