| четврток, 6 декември 2018 |

Момче и млада жена добија бубрези од тинејџер

Момче и млада жена почнаа да живеат нов живот откако вчера им беа пресадени бубрези од млад човек кој почина по тешки повреди. Прексиноќа се случувала вистинска драма на неколку скопски клиники, по добивањето на согласноста од семејството на пациентот кај кого била утврдена мозочна смрт.

Лекарските тимови итно реагирале за да се пронајдат пациенти на дијализа кои би биле најсоодветни да ги добијат бубрезите. За неколку часа биле направени сите типизации и други испитувања и проверки, и биле повикани двајцата среќници кои, според анализите, можеле да станат приматели на органи.

Националниот координатор трансплатација на органи, која е и директорка на КАРИЛ, Маја Мојсова, изјави дека навистина долго, цели три години, се чекало на ваква интервенција.

– Огромна благодарност и почит до семејството на донорот за овој највисок степен на човекољубие и за тоа што ни одржаа лекција како се сакаат луѓе кои не се ни познаваат. Тие се пример за сите нас како да постапуваме во животот. Има околу 70 пациенти чии бубрези не функционираат и кои се на листа за пресадување органи, а од компатибилноста на резултатите зависи кој ќе биде трансплантиран. Рачно се прегледуваат документите и така се врши изборот на пациентите, имаме софтвер, но сега таму се запишуваат сите потенцијални приматели на органи – рече д-р Мојсова на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

Кога ќе се констатира мозочна смрт, во рок од шест часа семејството треба да реши дали ќе даде согласност за донирање на органите.

Д-р Мојсова нагласи дека ова е мултисекторска работа во која учествуваат многу лекари и друг персонал од КАРИЛ, Клиниката за урологија, за нефрологија, Клиниката за радиологија, Институтот за трансфузиологија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top