недела, 20 јануари 2019 | Вести денес: 0 ново

Антон Баев, бугарски писател: Поезијата доаѓа од срцето, а прозата од фантазијата

За луѓето табуата се многу важни. Табу е сето она што го спречува човекот да биде свој. Кога не тераат некои други да постапуваме, не онака како што мислиме, не како што чувствуваме...А човекот треба да биде свој, за жал тоа не е случај секогаш. И тоа е смислата на пишувањето, вели Баев.

Еден од најзначајните современи бугарски автори, Антон Баев (1963) ги претстави книгите „Светата крв“ и „Даровите на светот“. Студирал бугарска филологија во Пловдив, а специјализирал новинарство во Ајова, САД. Работел, како библиотекар, колумнист, репортер, уредник, издавач…Тој со мало задоцнување пристигна во Македонија поради една незгода која му се случила непосредно пред доаѓањето на фестивалот „Букстар“. Како што раскажа самиот,  му ги украле табличките од автомобилот и затоа не можел да тргне на време, но непријатната случка не го спречи да ги претстави делата пред македонските читатели. А со нас говореше за тоа дали да се табуизира или не? за информациска пренатрупаност и „неограничен“ медиумски пристап „fake – news“… Тој е еден од оние писатели чии дела до срцевина ги дисецираат болните точки на општеството денес и отвора дебата на општествено деликатни теми.

На годинешниот „Букстар“ беа промовирани Вашите книги „Светата крв“ и „Даровите на светот“. Дали и некои други романи се преведени на македонски?

-Ова се првите две мои книги кои се преведени на македонски јазик. Се надевам дека во иднина ќе има и други. Најпрво би сакал да го поздравам организиаторот на Фестивалот „Букстар“, издавачката куќа „Антолог“ и Жарко Кујунџиски кој е издавач на книгата „Светата крв“, а стихозбирката „Даровите на светот“ ја објави Горан Ѓорчевски од „Зига-Зага букс“. Преводот е на Борче Георгиев кому сум му бескрајно благодарен. Преводите се одлични и за нив мошне убаво се искажа професорката Елизабета Шелева на промоцијата.

Романот „Светата крв“ е составен од четири дела и секој започнува со извадок од „Четирите годишни времиња“ на Вивалди. Што ви значи музиката? Дали таа ја надополнува Вашата литература постојано?

-Најпрво почнав како поет, а подоцна почнав да пишувам проза. Музиката е најблиску до поетското искуство. Поезијата е милозвучна, таа содржи благост, за разлика од прозата, која не е толку милозвучна. Музиката ја користам како „фон“, да се изразам така, за еден расказ, но музиката е избрана на тој начин што ги опишува дејствијата, животните случки. Избрана е да биде поддршка на целиот свет кој го градам во книгата. Оттаму овој роман вибрира во различни табу теми. Од една страна е забранетата љубов, книгата започнува со љубовта меѓу еден ученик и неговата учителка, па следува турбулентното време во 20-тите и 30-тите години на 20 век во Бугарија, кога се случуваат многу атентати, многу братоубиствени битки и продолжува во комунистичкиот режим кога се извршени масовни убиства, и ја отвора темата комунистичките лаги во Бугарија. Сите овие раскази изобилуваат во голема мера со табу теми. Романот е изграден од четири дела во кои се раскажани четирите табу теми.

Од друга страна „Четирите годишни времиња“ на Вивалди претставуваат и четири фази низ кои минува таа љубов, како основна тема во романот. Тоа се пролет, лето, есен и зима. А четирите дела се именувани според четирите основни чекори низ кои се стигнува до причестувањето во христијанството. Романот е изведен и на религиозно ниво, а и Вивалди и неговите сонети за кои е пишувана таа музика ми послужи за еден вид влез во романот, музикален влез во содржината.

 

Имате специјализирано новинарство во САД, а извесно време сте работеле и како репортер, колумнист, уредник… Како гледате на новинарството денес?

-И денеска си го заработувам лебот со новинарството, а не со книгите, бидејќи нашите јазици, за жал, се мали јазици, ние сме мали народи и тиражите се мали. Јас сум сопственик на портал за информации и така заработувам. Ќе говорам за состојбата во Бугарија, бидејќи не сум запознат со состојбите овде или на некое друго место. За жал новинарството денес е многу под влијание. Аналитичното новинарство, коментарите, заземањето на длабока позиција во однос на некои општествени проблеми…сето тоа го нема. Сега има, така да го наречам „семкарско новинарство“,  бргу да се напише нешто, бргу да кажеш на кратко за нешто без да го проучиш подлабоко, едноставно само за да го направиш текстот. И за тоа мислам дека се виновни самите новинари. Оваа цивилизација на интернет, оваа виртуелна реалност, во која новинарот повеќе не е последната инстанца, по него интернет форумите се слободни….Често се случува да се коментира текст кој воопшто не го прочитале, само насловот го читаат и коментираат, вообичаено негативно. И коментираат обично тие што ниту се упатени, ниту го проучиле проблемот…и тоа го повредува достоинството на новинарство. Овде не станува збор за сериозните и професионалните новинари, но виртуелната реалност и интернет цивилизацијата му дозволуваат на секој да се нарече себе си новинар. И тоа е лошо, бидејќи паѓа нивото на професијата.

Автор сте и на неколку збирки поезија. Каде повеќе се пронаоѓате, во прозата или во поезијата?

-Според мене, смислата на поезијата и начинот на кој ја пишувам поезијата е долгогодишна состојба. Поезијата малку повеќе работи со времето, таа се мачи да ги зачува миговите, настаните, спомените…дали ќе биде убав, лош или тажен-тоа ни е спомен. Токму споменот, според мене е основната состојка на поезијата. Додека  во прозата, смисолот на една добра прозна книга, според мене е да се создаде еден замислен свет. Дали тој ќе се изгради некаде во историското минато, дали во сегашноста или авторот ќе одлучи да го пласира во иднината, сепак тоа некој друг свет различен од моментов во кој живееме. Тој свет не пренесува на други места, во друго време, затоа и читаме книги, за да избегаме од реалноста, која ни се состои од одење на работа, работење…Ние треба да одиме неколку часа во кино, на концерт, во театар, да прочитаме книга и со тоа веднаш заминуваме во друг свет. Смислата на добрата проза, според мене токму тој свет кој може да се изгради во еден роман. И тој свет мора да е подобар од нашиот бидејќи ако не е така, нема смисла да ги пишуваме книгите. Ако писателот почне да пишува, како и новинарот, за еден по еден настан, тоа нема да биде добар роман. Тоа не е уметност, бидејќи тука нема обожување. Се вели дека поезијата доаѓа од срцето, а прозата, според мене доаѓа од фантазијата.

Во Македонија бевте на резиденцијален престој додека работевте на вториот дел од романот „Светото зачнување“ кој е продолжение на „Светата крв“. До каде е тој роман?

-Ракописот за книгата целосно е завршен. Пред доаѓањето во Скопје го завршив. Тој всушност беше напишан тука, во Македонија, бидејќи самото дејствие на романот почнува од овде, од македонските земји, поточно од Охрид, Струга. Таа книга е со историска содржина, но не е толку важна историјата, колку нејзините херои кои се дел од големите црковни борби македонскиот и бугарскиот народ заедно ги воделе во 19 век, кога биле под Отоманската империја која владеела со Балканот. Тие борби почнале токму од охридскиот крај и Битола, поминале низ бугарските земји и долу низ Елада и целта им била Вселенската патријаршија во Истанбул. Според мене ова ќе биде мошне значајна книга бидејќи содржи богат историски материјал. Ликовите во оваа книга всушност раскажуваат за овие херои. Јас истражував и во историските архиви додека ја пишував и според мене, таа ќе даде друга, општа претстава за историјата, особено во тој христијански смислол, црковен смисол. Особено за црковната независност

и на бугарската и на македонската црква, а вие уште се борите за таа независност. Тоа е многу интересен пат. Борбата за црковната независност почнала од Македонија, а Македонија сеуште нема црковна независност. Затоа можеби книгата ќе биде интересна и за вашите читатели, бидејќи почнува од тука. Многу сум благодарен што можев да престојувам во Македонија, зошто можев детално да ги обиколам местата, локалитетите кои се во неа опишани како локации, како лица, како географија, како историја, како археологија…Книгата наскоро ќе биде објавена во Бугарија, а се надевам дека следната година ќе биде објавена и во Македонија.

 Колку често учествувате на фестивали?

-Порано повеќе учествував на книжевни фестивали, но сега се поретко. Сега веќе се преиспитувам дали вреди да бидам дел од еден фестивал. Многу сум задоволен од иницијативата и организацијата на „Антолог“ за овој фестивал, бидејќи самото мото на фестивалот „Taboo or not taboo“ е многу важно за литературата. Воопшто за луѓето табуата се многу важни. Табу е сето она што го спречува човекот да биде свој. Кога не тераат некои други да постапуваме, не онака како што мислиме, не како што чувствуваме…А човекот треба да биде свој, за жал тоа не е случај секогаш. И тоа е смислата на пишувањето.

Токму читателите сметаат дека Ваша најпопуларна книга е „Светата крв“. Од каде идејата за Ваков роман? Како влијае на вас контактот со читателите?

-Не знам дали е таа книга најчитана. Мислам дека е една друга книга која беше објавена во две варијанти и под два наслови, а беше и покусо и подолго издание. Првото издание беше “Белези од Бугарин“, а второто излезе под наслов „Вистинската историја на Спас Господов“. Ермис Лафазановски на еден друг фестивал, исто така овде во Македонија рече дека тоа е книга за балканскиот човек. Ние овде балканците постојано сакаме да правиме големи нешта…Еве Бугарија стана дел од ЕУ, но масовно младите Бугари бегаат од земјата. Ние не можеме да им обезбедиме добар живот. Си мислиме дека треба да се прави голема политика, дека сме ние големи херои…не е така. Тоа е синдром на балканскиот човек. Тој роман е многу поразличен роман, полиричен, поинтимен и имав потреба да побарам убави херои, убава љубов, убаво суштествување, достојно живеење, да се заштити пријателот…За жал не можам да се осврнам на актуелново време и затоа се свртев кон минатото, кога се е поубаво.

А „Светата крв“ веќе е преведена на германски јазик и објавена во Германија и наскоро ќе има промоција. Многу се радувам на преводите на германски и на македонски јазик, а наскоро се надевам и на англиски јазик ќе биде преведена. Бидејќи издавачите се заинтересирани да ја објават, се надевам дека и на читателите ќе им се допадне.

Како влијае на вас контактот со читателите?

-За „Светата крв“ можеби 99 проценти од читателите го засакаа ваков каков што сум го напишал. Многумина ми пишуваа на социјалните мрежи. Промоциите на книгата со учество на критичари за литература велат дека станува збор за добра книга. Но, да не биде дека само ми ја фалат книгата, имаше две лоши критики кои ќе ги споделам со вас. Едниот ми забележа дека не сум го направил доволно долг романот, премногу бргу сум го завршил. Причина за тоа може да биде дека на овој читател многу му се читало, а можеби и јас последниот дел навистина бргу го завршив, но последниот дел е како раширен лиричен стих. Според мене тоа тешко би издржало 300-400 страници. Затоа вториот дел „Светото зачнување“, пак, е мошне обемен и се надевам нема да има забелешки од ваков тип.

Се подготвувате ли пред да пишувате, осмислувате, имате ли некаква тактика, или едноставно седнувате и ги оставате мислите да течат?

-За мене многу е важен првиот исказ, она што прво ќе ми дојде на го напишам. Дури и раскажи кога пишував, бидејќи имам две книги со раскази, и во романите сметам дека е многу важен воведот во романот бидејќи тој дава неколку важни точки: географијата-каде ќе се развива романот, временски период, не толку како години, туку дали ќе почне на есен, на пролет, треба да внимаваш на тоа, па дури го задава и стилот на пишување-да се види фразата. И дури потоа може да се истражува. На пример, ако темата е историска или психолошка, треба да се тргне од некои извори, да се проверат факти за бидеш максимално уверлив. Тој свет кој го создаваш сепак треба да биде реален не може да биде сосема фантастичен. Така што за мене првата страница е најважна, ако не оди воопшто не продолжувам понатаму. Некогаш сум ги преработувал првите глави, а некогаш продолжувам и по 4-5 месеци откако ќе имам доволно материјал, кога сметам дека сум подготвен, но ако не тргне ли првиот импулс, не одам понатаму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top