| четврток, 6 декември 2018 |

Нов тип терапија за пациентите со хепатитис Ц за нивно целосно излекување

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева Старделова рече дека има голем број млади кои имаат цироза и хепатоцелуларен карцином. Посочи дека веќе почнале да ја даваат терапијата на пациентите

Пациентите со хепатитис Ц (вирусно заболување кое го напаѓа црниот дроб и има многу брза прогресија) ќе примаат нов тип терапија со што ќе се овозможи нивно целосно излекување. Станува збор за донација од американска фондација, беше истакнато на денешната прес-конференција на Клиниката за инфективни болести.

– Имаме терапија за околу 150 апциенти, ќе се спречи напредувањето на нивната болест и појава на цироза, рак и трансплантација. Досегашната терапија не овозможуваше целосно излекување, многу често болеста напредуваше до тој степен што на пациентите им беше потребна трансплантација и постоеше ризик од развој на различни степени на цироза или хепатоцелуларен карцином, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Клиниката.

Посочи дека таа терапија во развиените земји постои години наназад и изрази надеж дека соработката со Фондацијата ќе продолжи и во други сфери, а во корист на пациентите.

Директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стевановиќ рече дека во таа јавна здравствена установа и на Клиниката за гастроентерохепатологија, се спроведува третманот и веќе во тек е регрутирањето пациенти кои ги исполнуваат условите за отпочнување со третманот со новата терапија.

– Тестирањата се во тек. Има пациенти кај кои таа процедура е завршена. Работиме на развивање комплетна стратегија, што значи превенирање и третирање на хроничен хепатитис Ц, кој е од огромно значење за искоренување на инфекцијата, додаде Стевановиќ.

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева Старделова рече дека има голем број млади кои имаат цироза и хепатоцелуларен карцином. Посочи дека веќе почнале да ја даваат терапијата на пациентите.

На Клиниката за гастроентерохепатологија се регистрирани 30 пациенти кои имаат потреба од антивирусна терапија.

– Еден дел од нив се од генотип 1 и генотип 4, за кои е оваа терапија. За да можат да ја добијат терапијата пациентите не треба да им биде оштетен црниот дроб. Ќе бидат излекувани сите пациенти на Клиниката кои биле издетектирани дека се позитивни на хепатитис Ц, генотип 1 и 4. Имавме комуникација со Нефрологија, каде има ризична група пациенти кои одат на дијализа или се трансплантирани, за да се препратат во гастро, да поминат детекција, за да можат тие што ќе ја поминат селекцијата да добиваат терапија. Има доволно терапија не само за пациентите на гастро, инфективна, туку и за пациентите од друга патологија, додаде Гривчева Старделова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top