| четврток, 6 декември 2018 |

Концесионерот на рудникот Иловица-Штука одржа уште една средба со жители од регионот

Компанијата „Еуромакс Ресоурцес“, концесионер на проектот Иловица-Штука, пред речиси 200 жители од општините Босилово и Ново Село ги претстави економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука,информираа денеска со соопштение до јавноста од оваа компанија.

На средбата во Струмица присуствувале жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово, Зубово, Турново, Ново Село и Секирник.

Присутните биле заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата.

-Тие покажаа голем интерес за нашиот проект и придобивките што ги носиме. Ќе продолжиме да одржуваме отворена комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија. Уште еднаш сакам да истакнам дека одржуваме постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата. Работиме на спроведување на сето она што беше договорено на последната заедничка средба во јули, рече Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Ресоурцес“.

Како што се наведува во соопштението, претставниците на компанијата повторно потенцирале дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат и уште еднаш ја презентираа улогата на независното тело за мониторинг кое ќе се организира во соработка со Владата. Посебна презентација била посветена за начинот и типот на експлозивни материи кои ќе се користат во рудникот.

Од Еуромакс објасниле и дека ќе нема загадување на животната средина и на водата, дека ќе се контролира прашината на сите патишта, дека постојано ќе се контролира квалитетот на водата и воздухот, ќе се употреби соодветна гео-текстилна мембрана во хидројаловиштето, стабилноста на насипот и максималното реискористување на водата при флотацијата.

Во соопштението се додава дека компанијата веќе добиле над 1.000 апликации за работа, иако се уште нема отворен повик за вработување.

-Сакаме да бидеме долгорочен економски партнер на локалната заедница и бизнисите. Во наредните 20 години локално ќе се трошат околу 74 милиони евра годишно. Ќе бидеме партнери на Владата и на општините преку плаќање на 24 милиони евра даноци годишно, од кои 3 милиони евра ќе се влеваат директно во локалните општини по основ за концесиски надоместок, што претставува 40 отсто зголемување на нивниот буџет, додаде Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Ресоурцес“.

На крајот од соопштението стои дека „Еуромакс ресоурцес“ ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги и граѓанските организации, да разговараат и да се информираат за овој рудник на можности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top