| четврток, 6 декември 2018 |

Недела на шпански филм во Кинотека на Македонија

Обично велат дека најлесен избор на филмови се прави од кинематографија која „крцка“ од наслови. Но, колку тој избор може навистина да биде лесен чин кога имате дузина добри наслови? Следниве седум наслови се своевиден мал пресек на шпанската кинематографија и според хронолошкиот и според тематско-жанровскиот пристап. Овој избор обединува автори од различни филмски епохи и со различни естетики, но, во секој случај, претставува временска парабола од средината на минатиот век до денес. Тој временски период изнесува речиси колку еден просечен животен век, па сигурно е интересно да се проследи созревањето на една национална кинематографија низ различни авторски видувања.

21 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20 ч.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ ГОСПОДИНЕ МАРШАЛ

(Bienvenido Mister Marshall/ Bienvenido mister Marshall)

Игран филм, Шпанија

1953 г., 78 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Луис Гарсија Берланга, Хуан Антонио Бардем (Luis García Berlanga, Juan Antonio Bardem)

Улоги: Лолита Севиља, Маноло Моран, Хозе Исберт (Lolita Sevilla, Manolo Morán, José Isbert)

 

Откако дознале дека американски добротвори се заинтересирани да ги посетат шпанските села и да им помогнат, жителите на малото село Вилар дел Рио почнуваат да се подготвуваат да ги пречекаат кога ќе пристигнат.

Тивкото село е управувано од глувиот, непослушен и добродушен градоначалник, кој само бара начин да му даде живот на местото. Убавата вест пристигнува во селото: високи личности од Северна Америка ќе им дадат економска помош на земјата, посетувајќи град по град, село по село. Градоначалникот не знае како да ги пречека. Агентот на пејачката Кармен Варгас, која треба да ја изведе песната „Големата андалузиска ѕвезда“, предлага изненадувачки иницијативи, ги придвижува сите луѓе од селото само за да подготви подобар прием за странците. Неговата идеја е да ги прикријат сите земјоделци како Андалузијци и да ги украсат куќите во секоја улица со типични декорации. Сите почнуваат да работат, а исто така и да сонуваат и размислуваат за тоа што ќе побараат од Американците, кои ќе дојдат со многу долари.

На денот на нивното пристигнувањето сите жители од Вилар дел Рио се на улиците, од градоначалникот до новороденото дете…

 

22 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20 ч.

ЧИКО И РИТА

(Chico y Rita/Chico & Rita)

Анимиран филм, Шпанија

2010 г., 94 мин., колор, ДСП

Режија: Тоно Ерандо, Хавиер Марискал, Фернандо Труеба (Tono Errando, Javier Mariscal, Fernando Trueba)

Сценарио: Игнасио Мартинез де Писон, Фернандо Труеба (Ignacio Martínez de Pisón, Fernando Trueba)

Приказната започнува на Куба,  во 1948 година. Чико е млад пијанист со големи соништа. Рита е прекрасна пејачка со извонреден глас. Музиката и романтичната желба ги обединуваат, но нивното патување во традицијата на латинската балада – болеро – носи болка и маки.

Од Хавана до Њујорк, од Париз до Холивуд и Лас Вегас, двете страствени индивидуи се борат со невозможни шанси да се обединат во музиката и во љубовта.

 

23 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20 ч.

ЈУГОТ

(El sur)

Игран филм, Шпанија

1983 г., 95 мин., колор, ДСП

Режија: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Сценарио: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Улоги: Омеро Антонути, Сонсолес Арангурен, Исиар Болаин (Omero Antonutti, Sonsoles Aranguren, Icíar Bollaín)

 

Шпанските филмофили го обожуваат овој филм. Режисерот Ерис ја сместува приказната во Шпанија по граѓанската војна (1936-1939) и ја раскажува преку очите на едно девојче, а подоцна во филмот и тинејџерка.

Во мрачната атмосфера на тие години во Шпанија, режисерот ја покажува врската помеѓу намќорестиот татко и неговата ќерка полна со животен елан. Меланхолична приказна се случува во град во северниот дел на Шпанија. Девојчето е фасцинирано од тајните на југот кои се скриени во личноста на нејзиниот татко.

Филмската критика го истакнува ЈУГОТ како ултимативен наслов заради камерата и локациите на кои е сниман, како и дијалозите меѓу ликовите.

 

24 НОЕМВРИ (САБОТА), 20 ч.

СМРТТА НА ВЕЛОСИПЕДИСТОТ

(Muerte de un ciclista/ Death of a Cyclist)

Игран филм, Шпанија

1955 г., 88 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Хуан Антонио Бардем (Juan Antonio Bardem)

Сценарио: Хуан Антонио Бардем (Juan Antonio Bardem)

Улоги: Лусија Босе, Алберто Клосас, Бруна Кора (Lucia Bosé, Alberto Closas, Bruna Corrà)

 

Маж и жена што се во тајна љубовна афера удираат со нивниот автомобил во велосипедист, и од страв да не бидат откриени како љубовници, не му пружаат помош. Велосипедистот умира.

Хуан е академски образован човек, предава на Универзитетот поради борба за престиж со неговиот зет. Марија Хозе е богато омажена: во бракот и животот ѝ е досадно, но не би се откажала од удобностите што ги ужива. Двајцата се љубовници. Откако ќе го усмртат случајниот велосипедист,  Хуан е вознемирен и неправеден кон студентите, па еден од нив паѓа на испит. Рафа, научник од нивниот круг на пријатели, навестува дека знае нешто, и тој се заканува дека ќе му ја открие нивната врска на Мигел, сопругот на Марија. Но, токму горделивоста на Мигел можеби е најголемата надеж на љубовниците: Хуан им предлага решение…

 

25 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20 ч.

БЕЗ СРАМ

(Sin Verguenzas)

Игран филм, Шпанија

2011 г., 116 мин., колор, ДСП

Режија: Јоакин Ористрел (Joaguin Oristrell)

Сценарио: Доминик Харари, Јоакин Ористрел (Dominic Harari, Joaguin Oristrell)

Улоги:  Вероника Форке, Даниел Хименес Качо, Кандела Пења (Verónica Forqué, Daniel Giménez Cacho, Candela Peña)

Изабел добива сценарио за филм. Откако ќе го прочита и станува јасно дека се темели на нејзината стара љубовна врска со филмскиот режисер Марио Фабра кој е автор на сценариото.

 

26 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20 ч.

ЦРВЕНАТА ВЕРВЕРИЧКА

(La ardilla roja/ The Red Squirrel)

Игран филм, Шпанија

1993 г., 114 мин., колор, ДСП

Режија: Хулио Медем (Julio Medem)

Сценарио: Хулио Медем (Julio Medem)

Улоги: Ема Суарез, Нанчо Ново, Марија Баранко (Emma Suárez, Nancho Novo, María Barranco)

 

Џота е музичар и има намера да изврши самоубиство: на тој чекор се решава бидејќи е во очај откако го напуштила девојката. Додека се бори со сопствените демони, девојка по име Лиза вози мотоцикл и паѓа од мостот. Џота ѝ притрчува на помош и ја носи во болница. Девојката во несреќата ја губи меморијата, заборавила дури и како се вика, па Џота ѝ го „измислува“ нејзиниот живот. Тој ѝ измислува ново име на Лиза, а на докторите им вели дека се момче и девојка, и дека веќе неколку години живеат заедно како пар.

Лагата продолжува некое време. Џота ја користи ситуацијата за повторно да го оживее својот живот, според своите желби…

 

27 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20 ч.

ПЕПЕРУТКА

(La lengua de las mariposas/ Butterfly)

Игран филм, Шпанија

1999 г., 96 мин., колор, ДСП

Режија: Хозе Луис Куерда (José Luis Cuerda)

Сценарио: Рафаел Азкона, Хозе Луис Куерда (Rafael Azcona, José Luis Cuerda)

Улоги: Мануел Лозано, Фернандо Фернан Гомез, Уксија Бланко (Manuel Lozano, Fernando Fernán Gómez, Uxía Blanco)

Драма за пораснувањето на едно дете. Годината започнува идилично за Мончо: тој започнува да оди на училиште, има прекрасен учител, се спријателува со Роке, почнува да ги открива некои од мистериите на еротиката. Со својот постар брат, саксофонист кој има свој бенд, тргнуваат на пат од нивниот град во Галиција. Но, тоа е истата година ога Шпанската република е нападната од фашистите. Таткото на Мончо е републиканец, како и неговиот наставник, повозрасниот Дон Грегорио.

Линиите на судирот во граѓанската војна се исцртани и полека станува јасно дека Републиканците ја губат превласта во битките. Стравот, насилството и предавствата се мешаат со чувствата  во душата на момчето што пораснува…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top