| четврток, 6 декември 2018 |

Циркус за сметка на ветениот економски раст

 Никола Србов

Во една држава која претендира да стане дел од европското семејство, да се интегрира во ЕУ и во НАТО каде демократијата и слободата на политичко организирање и изразување се неприкосновени, недозволиво е потерата која се однесува на еден човек да биде злоупотребена за опсада на една цела политичка партија. Јавноста преку медиумите, а јас и лично се најдов на самото место, беше сведок на создавање обрач од страна на полицијата околу главното седиште на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и притоа беа претресувани сите возила на граѓани кои моментално се нашле во катната гаража во близина на централниот штаб и сите возила на луѓе кои излегуваа од штабот.

Мислам дека на целата јавност ѝ е јасно, како што му е јасно и на МВР, дека шансите Груевски да се наоѓа во некој багажник на некое возило се речиси нула. Оттука останува впечатокот дека самоволието на властите во Македонија го достигна тој степен да се дрзнуваат да влегуваат со полициски сили во штабот на политичкиот опонент. Македонија во изминатите 28 години плурализам не памети некоја власт да повлечела ваков потег. На моменталната владеачка партија СДСМ не ѝ е прв пат да ги злоупотребува безбедносните служби во борбата со политичкиот опонент ВМРО ДПМНЕ. Само да потсетам на акциите „Дувло“ и „Темел“ и сликата ќе стане појасна, во една од нив беше недгледувано седиштето на ВМРО ДПМНЕ и беа следени сите членови на тогашното раководство. Сега се премина и на физичко блокирање на штабот за што власта ќе треба да даде објаснување пред европските институции по кој основ ја спровела оваа акција. Во демократски држави, во кои не спаѓаме ние, за вакво нешто не само што паѓаат влади туку и се одговара доколку ги злоупотребите државните институции во вашата партиска борба со политичкиот опонент.

И додека власта приредува реално шоу за јавноста никој не зборува за секојдневното осиромашување на граѓаните, никој не зборува за она што допрва ќе следи како резултат на катастрофалната даночна политика која ја спроведува власта. Никаде не може да се прочита ниту пак да се чуе за катастрофата која ја снајде македонската економија, повеќе не се говори за нови инвестиции и нови работни места. Премиерот на државата се повикува на Господ за ветеното покачување на БДП кое моментално се наоѓа на дното. Власта ни даде совет да се молиме за да можеме да го преживееме месецот.

Јавноста анимирана со полициски акции останува нема пред сѐ попразните џебови и поголемите давачки од поскапениот живот во Македонија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top