Кога на почетокот на 2002 година на доделувањето на Оскарите во Холивуд во терминот за прогласување најдобар филм од неанглиското говорно подрачје беше прочитан насловот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ секој втор наслов во медиумите во Босна и Херцеговина ги експлоатираше варијациите на старата изрека Ебати земјата што ја нема Босна“ најчесто во „Ебати земјата што нема Оскар“, или „Жити Босна без Оскар“.
Иако не е сè во Оскарите и останатите награди, изборот на насловите за Неделата на босанскохерцеговски филм во Кинотеката на Македонија е репрезентативен. Освен „Ничија земја“, тука е и првенецот на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ кој доби „Златен лав“ во Венеција за дебитантски филм, како и филмовите кои ги одбележаа шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години не само во босанскохерцеговската, туку и целата југословенска кинематографија. „Битка на неретва“ на Вељко Булаиќ, кој бил номиниран за Оскар, „Жена со пејсаж“ на Ивица Матиќ и „Глув барут“ на Бахрудин Бато Ченгиќ заслужено се дел од овој избор.
Босанците својата земја ја опишуваат како „Босна – поносна“. Секако, тоа важи и кога станува збор за филмот. Последниве децении можеби и најмногу кога станува збор за филмот.
16 ноември (Петок), 20.00 ч.
Ничија земја
(Ničija zemlja/No Man’s Land)
Игран филм, Босна и Херцеговина
2001 г., 98 мин., колор, 35 мм
Режија: Данис Тановиќ
Сценарио: Данис Тановиќ
Улоги: Бранко Ѓуриќ, Рене Биторајац, Филип Шоваговиќ, Кетрин Картлиџ
Десјтвието се случува во 1993 година, во екот на најкрвавите судири во Босна и Херцеговина. Босанските војници Цера (Шоваговиќ) и Чики (Ѓуриќ) се наоѓаат во еден ров на линијата на судирот меѓу Србите и Бошњаците. Ровот е погоден од граната: Цера лежи онесвестен, а Чики се крие во земуницата. Српската војска испраќа патрола да ја извиди состојбата во ровот на ничијата територија. Постариот војник (Мустафа Надаревиќ) и неискусниот Нино (Биторајац) мислат дека Цера е мртов, па под него подметнуваат отскочна мина, со монструозна намера да убијат што повеќе босански војници кога ќе дојдат по мртвите тела. Чики стапува во акција, го убива постариот војник, а го држи Нино како заложник. Пушката е час во рацете на едниот, па во рацете на другиот, а „дебатата“ за тоа кој прв ја почнал војната трае. Во меѓувреме се алармирани странските мировници,„сините шлемови“: филмот ја покажува апсурдната страна на војната, полна со црн хумор, како и бесполезноста на странските мировни сили. Сторијата не може без странските новинарски екипи, кои се надвиснуваат над ровот како мршојадци…
НИЧИЈА ЗЕМЈА е добитник на Оскар за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје за 2001 година, а меѓу останатите ги доби и наградите Златен глобус и Цезар.
17 ноември (сабота), 20.00 ч.
Се сеќаваш ли на Бели Дол
(Sjećaš li se Dolly Bell)
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1981 г., 110 мин., колор, 35 мм
Режија: Емир Кустурица
Сценарио: Емир Кустурица, Абдулах Сидран
Улоги: Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац
Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.
Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци. „Се сеќаваш ли на Бели Дол“ е првата соработка на сценаристот Сидран и Кустурица, ученикот на славната „Прашка школа“. Филмот го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ што ја освои Златната палма во Кан. СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е необична, но многу успешна мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“.
18 ноември (недела), 20.00 ч.
„Глув барут“
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1990 г., 116 мин., колор, 35 мм
Режија: Бахрудин Бато Ченгиќ
Сценарио: Бахрудин Бато Ченгиќ
Улоги: Мустафа Надаревиќ, Бранислав Лечиќ, Фабијан Шоваговиќ, Светозар Цветковиќ, Мира Фурлан Работен според романот на Бранко Чопиќ, ГЛУВ БАРУТ е приказна за идеолошкиот судир меѓу партизаните и четниците во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна. Во едно српско село во Босна луѓето се под пресија на две идеологии: претставник на партизаните е политичкиот комесар Шпанац (Надаревиќ), а на четниците е офицерот на кралската војска во Југославија, Радекиќ (Лечиќ). Шпанац е фанатичен приврзаник на комунистичката идеологија што сака да го смени светот, без разлика на бројот на жртвите, додека, пак, Радекиќ е човек од тие краишта кој добро ја познава ситуацијата на теренот, и се обидува да сочува што повеќе човечки глави, дури и по цена на сопствените идеали. Шпанац во Радекиќ гледа главен двигател на отпорот што селаните го пружаат на прокламиранити левичарски идеали. „Глув барут“ е еден од ретките филмови кои се занимава со т.н. „леви скршнувања“ – сурова партизанска чистка на идеолошки неподобните – во ексјугословенската кинематографија. Овој филм е и последен во филмографијата на Ченгиќ, еден од најзначајните автори во босанскохерцеговската и југословенската кинематографија од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, со филмовите МАЛИ ВОЈНИЦИ 1967 г.) и УЛОГАТА НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО ВО СВЕТСКАТА РЕВОЛУЦИЈА, работени според романите на значајните книжевници Мирко Ковач и Бора Ќосиќ.
19 ноември (понеделник), 20.00 ч.
Битката на Неретва
Игран филм, Босна и Херцеговина(СФРЈ)
1969 г., 95 мин., колор, 35 мм
Режија: Вељко Булаиќ
Сценарио: Вељко Булаиќ, Ратко Ѓуровиќ
Улоги: Јул Бринер, Харди Кригер, Франко Неро, Силва Кошчина, Орсон Велс, Милена Дравиќ, Сејгер Бондарчук, Љубиша Самарџиќ, Вилимир Бата Живоиновиќ, Павле Вуисиќ, Коле Ангеловски
Битката на Неретва или „Битката за ранетите“ е назив за четвртата непријателска офанзива на Народно ослободителната војна во Југославија. Тоа е назив за непријателските операции Вајс 1 и Вајс 2, во кои силите на нацистичка Германија во содејство со Италијанците, усташите, домобраните и четниците, се обиделе да го уништат на ослободителното движење предводено од партизаните во сливот на реката Неретва, а потоа во источна Херцеговина во периодот од 20 јануари до 1 април 1943 година. Филмот ја следи битката на партизаните кои сакаат да го пробијат обрачот на непријателските војски и претставува „фреска“ од десеттина незаборавни филмски ликови и нивните судбини во текот на офанзивата. „Битката на Неретва“ е веројатно најскапата филмска продукција во некогашна Југославија: сниман е цели 17 месеци, со учество на тогашните најголеми филмски ѕвезди во светот. Славниот шпански сликар Пабло Пикасо го направил постерот за филмот за неговата интернационална дистрибуција, што е само втор постер во неговата кариера. Но, БИТКАТА НА НЕРЕТВА е и еден од култните филмови на т.н. партизански жанр во југословенската кинематографија: репликите од филмот одамна се дел од ексјугословенската митологија…
20 ноември (Вторник), 20.00 ч.
Жена со пејзаж
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1976 г. (1989 г.), 66 мин., колор, 35 мм
Режија: Ивица Матиќ
Сценарио: Ивица Матиќ
Улоги: Столе Аранѓеловиќ, Божидарка Фрајт
Изворно снимен како телевизиски филм, ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е првиот и единствен долгометражен игран филм на култниот сараевски автор, кој во филмографијата има забележано триесеттина краки филмови. Матиќ починал непосредно по снимањето на ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ, кој во 1976 г. ја добил главната награда на фестивалот на Југословенската радиотелевизија во Порторож. Цели 13 години подоцна филмската верзија на неговото дело, со додадените снимени материјали (самиот автор го замислил ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ како долгометражен игран филм) е прикажана на Филмскиот фестивал во Пула, каде што постхумно ја добива највисоката награда, Златната арена за режија, а потоа и наградата ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монте Карло. Опусот на Матиќ се смета за еден од темелите на т.н. сараевска филмска школа, подоцна реафирмирана со светските успеси на Кустурица, Адемир Кеновиќ…
ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е филмски есеј за судирот на уметникот и општеството. Приказната е инспирирана од наивното сликарство, и со посебно чувство за фотографијата и атмосферата (кинематографер е Карпо Аќимовиќ-Година, а и самиот Матиќ дипломирал филмска камера на загрепската филмска академија), го следи шумарот (Аранѓеловиќ) со необична пасија – сликањето женски актови. Шумарот-сликар наивец добива служба во зафрлено босанско село и таму наговара многу мештанки да му позираат голи. Тоа ќе ги разбесни нивните мажи и конзервативната средина, која смета дека шумарот не го соблекува жените само заради сликањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст