| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот филм на Спајк Ли и филмот за „Лајбах“ вечерва на „Синедејс“

Новиот филм на Спајк Ли „Црниот член на ККК“ ќе биде прикажан вечерва во кино „Милениум“ во 20 часот, а подоцна од 22:30 часот следува “Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ на Гас Ван Сант. Двата филма се од Гала програмата на 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ кој е во тек во Младинскиот културен центар и Милениум.

Во филмот на Ли приказната се случува во раните седумдесетти години на минатиот век, Рон Сталворт е првиот детектив Афроамериканец во полицискиот оддел во Колорадо Спрингс. Решен да изгради име за себе, Сталворт храбро тргнува во опасна мисија: да се инфилтрира и да го разоткрие Кју-Клукс-Кланот. Младиот детектив наскоро регрутира посоодветен колега, Флип Цимерман, во најважната тајна истрага. Заедно, работат да ја срушат екстремистичката група, додека организацијата има за цел да ја пречисти својата насилна реторика со цел да ја привлечат јавноста.

Во киното „Фросина“,  од 21 часот ќе може да се види македонскиот краток „Обид за среќна приказна“ на Лавинија Софрониевска. Филмот ја раскажува историјата на љубовта и болката низ животот на двете сестри, Ангела и Михаела. Нивните стравови, надежи и планови растат и се уриваат низ годините. Денес, едноставноста и наивноста на детството се неповратно изгубени во „суровиот“ свет на возрасните. Потоа следува црногорско-српскиот „Ти ја имаш ноќта“ на Иван Салатиќ – дел од официјалната селекција.

Откако го напушта бродот на којшто работи, Сања нема друг избор и приморана е да се врати дома. Бродоградилиштето оди под стечај, оставајќи многу работници без работа. Бродови покриени со церади се нафрлани наоколу, оставени за некои подобри времиња. Доаѓа бура; загубен е еден живот. Лука е во шумата и чека да падне ноќ. Тоа е ноќта кога сѐ би можело да се промени.

Од музичката програма, пак, во Младинскиот културен центар, вечерва од 23 часот е настапот на Идрис Акамур и “Д Пирамид“ од САД и ди-џеј Бигор од Словенија.

Од музичките документарци, пак, вечерва од 22 часот во Џебното кино при МКЦ ќе може да се види третиот дел од серијалот “Музиката е уметност на времето“, а кој се фокусира на случувањата околу бендот Лајбах во Југославија и Европа помеѓу 1980 -1985.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top