| четврток, 6 декември 2018 |

Канал 5 има проблем со вистината: Спасовски на центрифуга, „Република“ на суд

Демант на објавена информација, барање за извинување и на крај тужба… Ова е процедурата за реагирање на објавена информација доколку сметате дека таа не е точна, не е коректна или со истата се руши угледот и достоинството на повиканиот. Но, иако колегите од Канал 5 Телевизија ја знаат процедурата, тие денеска се дрзнаа телефонски да се јавуваат и да бараат информација која не им се допаѓа, а е објавена на нашиот портал, да биде „веднаш избришана“.

Никаква реакција на официјалниот меил, никакво барање за демантирање и посочување на факти кои ја докажуваат наводната невистинитост на објавената информација. Наместо запазување на процедурата, прво, новинарката и водителка на „Само вистина“ се обрати на телефонскиот број во редакцијата, кој е нагласен на нашиот портал, заедно со официјалните меилови за контакт, со барање „да се коригираме за во иднина да немаме непријатности“.

На нејзиното прашање кој е уредник, и е посочено која е уредничка и дека истата е подолго време на боледување. Но, и покрај тоа, таа решава на фејсбук, веројатно како нејзино главно средство за комуникација, на профил, кој таа проценила дека е на уредничката, да ѝ се обрати на истата. По ова објавува статус судејќи дали уредничката е навистина на боледување или не, дали објавува нешто на профилот, кој таа смета дека е нејзин, притоа обидувајќи се да ја дискридитира. По ова директорот на Канал 5 се јавува кај уредничката, која до тој момент, освен од статусот на новинарката, не е запознаена со целата ситуација, со оглед дека подолго време е на боледување, и не демантира, не бара извинување – бара повлекување на текст, или во спротивно ќе поднел тужба. Иако на иститот му е посочено од страна на уредникот дека е на боледување, и објаснета му е причината поради која уредникот не е на работа и не ја обавува својата функција, тој упорно бара уредување на медиумот според неговите желби.

Сензацијата за која обвини новинарката и водителка на „Само вистина“ очигледно е нејзина јака страна. Иако беше информирана дека уредничката е на боледување, инсистирала да ја најде затоа што во текстот објавен на порталот пишува дека национална телевизија изделила 60 минути во ударен термин за учество на министерот за внатрешни работи. Ниту е етички ниту е човечки, но ги отсликува нејзините човечки квалитети. Подоцна таа го повлече статусот.

Што е спорно во објавениот текст? Дали Спасовски гостуваше на утринска емисија? Не! Гостуваше во „Само вистина“, која се емитува во ударен термин. Па вашата емисија на фејсбук се емитува со две премиери! Да, точно е дека сите гости учествуваат во истиот термин, но нашата перцепција е дека за некои имате прашања, а за некои трпение да ја ислушате нивната вистина.

Се работи за текстот со наслов „За да го испере, Канал 5 го пушти Оливер Спасовски на центрифуга“, во кој единствениот коментар за Канал 5 е дека Канал 5 му подари цели 60 минути на министерот за внатрешни работи и му даде шанса да се искупи и да ја убеди јавноста во невозможното, а со тоа да ги испере своите гревови за јаловата и божемна акција и да ја исклучи вмешаноста на полицијата во заминувањето на порашениот премиер, што е наша перцепција.

За да го испере, Канал 5 го пушти Оливер Спасовски „на центрифуга“ (ВИДЕО)

Остануваме на ставот дека националната телевизија оддели 60 минути во ударен термин за да го пушти Спасовски на центрифуга од 1200 вртежи. А, Канал 5 и „Само вистина“ ова не го демантираа. Тие бараа да се отстрани целиот текст, во кој, главно, се коментира настапот на министерот Оливер Спасовски, неговите изјави и одговори на прашањата на новинарката, која, според нашиот впечаток, намерно или не, пропушти да го праша многу битни прашања, за кои се интересира јавноста. Го остави само да ја каже својата „вистина“, давајќи му простор да се испере, иако некој дамки никогаш не можат да се отстранат.

Редакција Република 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top