Ги читам сите медиумски написи кои произлегуваат од конструкциите дека Миле наводно планирал бегство од државата и не можам да се воздржам, а да не кажам дека е срамно и недостоинствено, реагираше денеска Сања Јанакиески, сопругата на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
- Повеќе од две години Миле е жртва на јавен линч, а со него и ние како семејство. Секојдневно имаме трауми од континуираните напади и обвинувања. Тоа што го преживеавме овие две години не би му го посакала никому. Миле веќе беше прогласен за виновен уште пред да биде покренато обвинение и да се појави на суд, а знам дека не сторил ништо надвор од законот – вели сопругата на Јанакиески.
Таа додава дека врв на целата оваа хајка се случил утрово кога полицијата дојде да го спроведе во Истражниот затвор.
- Миле ниту имаше намера, ниту планираше да бега. Од кого да бега и зошто да бега ? Две години Миле редовно се јавуваше и одговараше на секое барање и наредба од судот или обвинителството. Миле не бегаше затоа што е уверен дека е неправедно гонет и дека тоа ќе се докаже во судска постапка. Доколку не пред нашите судови, тогаш пред меѓународните. Вчера со Миле седевме и разговаравме околу последните случувања. Миле знаеше дека одлуката на Груевски, лошо ќе се одрази врз останатите кои се гонат од СЈО, колку и да е тоа неправедно. Затоа и излезе со изјава за медиуми во која изрази несогласување со постапката на Груевски колку и да е таа лична – вели таа.
Таа додава дека без разлика на сѐ, Миле не планираше да си замине.
- Синоќа се договаравме за претстојниот именден на нашите два сина Михаил кој има 7,5 години и Ангел кој има 5,5 години. Правевме и список на гости кои ќе ги поканиме на семејната слаба на 21 ноември Св. Архангел Михаил. Најголема радост на Миле му бeа ваквите семејни собирања. Тој никогаш не би го напуштил домот и семејството и навистина е апсурдно и барањето за притвор и образложението на судот. Образложението кое што го добивме се базира на една службена белешка од МВР и ништо повеќе од тоа. Заради таа службена белешка која си ја толкуваат како намера за бегство сега и Михаил и Ангел и Александар и јас треба да останеме сами и да се бориме со стигмата што некој сака да ни ја налепи. Ова не е правда и ние ќе се бориме да го докажеме тоа. Со вакви конструкции никој нема да ја смени нашата слика за Миле, а ни сликата што ја имаат за него сите што го познаваат. Им благодарам на сите пријатели за помошта што ни ја понудија денеска. Господ е со нас – вели Јанакиески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.