| четврток, 6 декември 2018 |

Дали кривично ќе одговораат градоначалниците кои не се справуваат со уличните кучиња?(видео)

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов очекува АХВ да ги казни градоначалници кои не се грижат за бездомните кучиња согласно законот.

Скопскиот градоначалник смета дека неговите колеги се неодговорни и дека постојат сериозни индиции дека некои од нив за да се ослободат од овој проблем, носат кучиња скитници во главниот град за што најави и кривични пријави, објави ТВ Сител. Шилегов информираше дека во тек е процедурата за отворање нов капацитет за бездомни животни во рамки на затворот Идризово.

По последниот трагичен настан во Гостивар, каде 17 годишно девојче бегајќи од кучиња се удави во Вардар, Владата донесе одлука за измена на регулативата. Од надлежното министерството за земјоделие велат првиот состанок бил одржан минатата недела помеѓу нив и претставници на АХВ. Констатирале дека актуелните законски прописи се генерално во ред, освен во делот на казнените одредби каде е можна интервенција. Заклучокот од овој состанок е и дека проблемот е во неимплементација на законот од страна на општините.

-За измените на регулативата е задолжена комисија во состав на АХВ и во нејзе има 9 члена и тоа 3 члена се од АХВ, 5 члена од редот на истакнати научници од областа на благосостојбата на животните и еден член од невладините организации. Констатирано е дека на овој состанок е потребно да се поканат и претставници од МЗШВ и ЗЕЛС. Седница на Комисијата е закажана на 19.11.2018 – информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Додека надлежните го бараат проблемот во законите и си ја префрлаат вината, граѓаните се на штрек да не бидат нападнати од агресивни кучиња.

Граѓанските здруженија минатиот викенд преку протест побараа да раководат со стационарот Вардариште и апелираа надлежните да извршат агресивна кастрација и стерелизација на кучињата. Одговорноста е голема и кај сопствениците на домашни миленици, до сега не е изречена казна за несоодветно чување на кучиња. До 31 март следната година тече рокот за бесплатно микрочипирање а до сега според АХВ евидентирани се 20 500 домашни миленици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top