| четврток, 6 декември 2018 |

Макрон: Јас и Трамп сме аутсајдери во политиката (Видео)

Францускиот претседател, Емануел Макрон, смета дека тој и неговиот американски колега Доналд Трамп имаат многу разлики, но дека заедничко им е тоа што и двајцата се аутсајдери, а не класични политичари.

„Веројатно затоа сме многу сложни во борбата против тероризмот. Знаеме каде не се согласуваме – климата, трговијата, мултилатерализмот, но многу добро соработуваме затоа што имаме редовни и директни разговори“, изјави Макрон за Си-ен-ен.

Во врска со големата активност на американскиот претседател на социјалната мрежа Твитер, Макрон вели дека претпочита директни разговори или одговарање на прашања, наместо дипломатијата да ја води преку твитови.

Тој, исто така, наведува дека себеси не се нарекува националист, како што тоа го прави Трамп.

„Би рекол дека сум патриот. Не верувам во никаков вид на глобализам, но не сум националист“, рече Макрон.

Тој истакнал дека цврсто верува во соработката меѓу народите и во фактот дека таквата соработка е добра за секого.

„Националистите понекогаш многу се потпираат на унилатералниот пристап и законот на посилниот, што не е случај кај мене. Тоа е веројатно нашата разлика“, заклучува францускиот претседател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top