| четврток, 6 декември 2018 |

Загадувањето во државата е на енормно високо ниво, а владата скрати 2 милиони евра во секторот животна средина !

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието денеска на тема ребаланс на буџетот ги потенцираше катастрофалните намалувања во образованието, здравството, во секторот животна средина, како и во капиталните расходи кои изнесуваат 5.6 милијарди денари. Според Стојаноска, за вакви кратења во некоја правна држава би требало да се сноси одговорност.

-Со ребалансот на буџетот за 2018 година, се потврдува дека единствена цел на владата е само промена на името и Уставот на Република Македонија, а не инвестиции и унапредување на животот во Република Македонија. Сведоци сме на нови кратења во сите сфери со овој ребаланс. Цели 7 милиони евра се кратат од младите – нашата иднина. И тоа: 170 илјади денари се кратат за изградба на студентски и ученички домови, 87 милиони денари се кратат за изградба и реконструкција на основни училишта, 48 милиони денари за превод на книги од реномирани автори, 30 милиони денари се скратуваат за изградба на училишни спортски сали, 43 милиони се кратат за изградба и реконструкција за средни училишта, 50 милиони денари за спортски објекти. Оваа влада крати од иднината на младите, а велеше ќе ги задржи во државата. Поминаа 17 месеци, а ниту трага од подобар живот за младите, а гледаме дека ниту во иднина нема да има ништо за нив, рече Стојаноска.

Со ребалансот на буџетот, владата крати и во здравството и тоа 80 илјади евра за рана детекција на рана детекција на малигни заболувања, 60 илјади евра за едукација на лекарите, околу 600 илјади евра за новата клиничка болница во Штип, која до сега требаше да биде готова. Изградбата пак, на новиот клинички центар во Скопје е дефинитивно стопирана и одложена за којзнае кога. Здравството во Македонија ќе продолжи да функционира само благодарение на професионалноста, одговорноста и држењето до хипократовата заклетва на докторите и на сите здравствени работници. Ветеното бесплатно лекување за сите, плата од 100 илјади денари за лекарите специјалисти, лекови на рецепт до 15ти во месецот, ќе останат запишани на хартија од програмата за живот на СДСМ. Единствен нагорен тек во поглед на здравството, а за време на владеењето на оваа власт, имаат само доделувањето на тендери во четири очи или меѓу татко и ќерка. Ниту една од вкупно 11 итни реформи во здравството не се реализирани.

Во секторот животна средина пак, скратени се 2 милиони евра. Загадувањето во државата е на енормно високо ниво, но министерството за финансии и министерството за животна средина се надигруваат кој помалку ќе инвестира, односно помалку ќе сработи во оваа проблематика која ја засега целокупната популација на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top