| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски му го честита изборот на судијата Наумоф и го покани да ја посети Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му го честита изборот за судија на судијата Фил Наумоф, кој има македонско потекло. Во честитката Мицкоски пишува дека претставува гордост што Македонец се изборил со професионалните предизвици во компетитивно општество какво што е американското и упатува покана до Наумоф да ја посети Република Македонија.

„Со особена чест и задоволство, во името на мојата партија ВМРО-ДПМНЕ и во свое лично име, Ви го честитам изборот за судија, искрено посакувајќи ваш понатамошен успех и просперитет, како на професионален така и на приватен план.

Во оваа пригода, би сакал да ја истакнам мојата особена гордост што еден Македонец се изборил со професионалните предизвици во компетитивно општество какво што е американското.
Би сакал лично да упатам покана до Вас, да ја посетите нашата држава. Сигурен сум дека имаме заеднички теми за кои што би разговарале и сфери од заемен интерес, кои што би можеле во иднина заеднички да ги истражуваме и реализираме.

Денес Република Македонија се наоѓа на крстосница од која зависи нејзината иднина. Имаме моментум каде неодговорни политичари напаѓаат врз достоинството и честа на нашата држава, име кое сакаат да се смени, економија која се уништува, образовен систем во кој не се инвестира, здравство кое се уништува, култура која се запоставува.

Нашиот концепт, концептот на ВМРО-ДПМНЕ е да ја развиваме Македонија како земја на среќни граѓани, Македонија земја со силна економија, интегрирана и рамноправна со другите европски држави и народи.

Посакувајќи Ви добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам, почитуван Судија, изразите на моето највисоко почитување“, пишува во честитката.

Македонец меѓу победниците на изборите во САД – го остварил сонот на својот дедо

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top