| четврток, 6 декември 2018 |

Премира на „Синедејс“ на „Готлиб“ – првиот македонски анимиран филм во кој се користат три различни техники на анимација

„Готлиб“, краткиот анимиран филм на Крсте Господиновски, вечерва премиерно ќе биде прикажан во кино Милениум, во рамките на фестивалот Синедејс (21 часот).

Во продукција на „Узенгија продакшнс“ и поддржан од Агенцијата за филм, ова е првиот македонски анимиран филм во кој се користат три различни техники на анимација.

– Изгубен и заглавен во лавиринтот на сопствената потсвест, главниот лик Готлиб грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста. Во оваа потрага, тој постојано го препрашува постоењето на неговиот измислен свет, дури до таму што се обидува да го деконструира. На самиот крај, додека неговите реалности се судираат една со друга, тој станува свесен за заробеноста во самиот себеси – стои во краткиот опис на филмот.

Господиновски е режисер и сценарист на филмот, а гласот на главниот лик Готлиб го позајмува Жарко Иванов. Автори на музиката се Гоце Наумов („Сетстет“), Љубомир Стојсављевиќ („Бастион“) и Ивица Јанкуловски.

Филмскиот фестивал „Синедејс“ денеска почна со детска програма. Од 11 часот се прикажува филмот „Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Милковиќ, по што во 13 часот во Џебното кино на МКЦ ќе биде организирана и детска работилница „Филм за деца“ со режисерот.

На работилницата ќе се зборува за тоа како се прават филмови и кој сè учествува во тимот на филмската екипа.

Од 15 часот во Кино Милениум ќе се прикаже реприза на филмот „Белата Врана“ на Ралф Фајнс, а од 17:30 „Остров на кучиња“ од Вес Андерсон. За вечерашната програма предвидени се филмовите „Човекот што го уби Дон Кихот“ на Тери Гилиам од 20 часот и „Зајдисонце“ на Ласло Немеш од 22:30 часот.

На програмата во Кино Фросина покрај „Ловци на вештерки“ од 13 часот ќе се прикаже и филмот „Планинско чудо“. Вечерва во 19 часот ќе се прикаже „Граници, дождови“ на Никола Мијовиќ и Властимир Судар, а на крајот на програмата за денес е „Сама на мојата свадба“ од Марта Бергман.

Во Џебното кино на МКЦ вечерва од 20 часот ќе може да се погледне филмот „Море од жито“ на Фабрицио Гвардучи, а од 22 часот и филмот „Ирански Рејв“ на Сузан Регина Меуреш.

Од 23 часот во рамките на СинеМјузик во МКЦ ќе има и музичка програма со настап на Gabe Gurnsey, придружен од John Rivet, што подразбира еден куп машини за произведување звук, но тој лично ќе седи зад сет со тапани. Дополнително ќе настапат и Kanton 6 и Марко Рикалоски.

Целата денешна програма и повеќе детали може да најдете ОВДЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top