| четврток, 6 декември 2018 |

Хотелскa киномагија – „Хотел Југославија“ и „Хотел Гагарин“ на „Синедејс“

Седумнаесеттиот Фестивал на европски филм „Синедејс“ синоќа беше отворен неформално, со забава во Младинскиот културен центар, со првата проекција – музичкиот документарец „Матанги/Маја/М.И.А“, а потоа и концерт на Нога Ерез од Израел – прв настан од музичката програма.

Фестивалот продолжува денеска со два филма од гала-програмата во „Милениум“ – „Остров на кучиња“ во режија на Вес Андерсон од 20 часот и „Белата врана“ режиран од Ралф Фајнс од 22 часот.

Во кино „Фросина“ се два фила од натпреварувачката програма на балкански филм СинеБалкан – турскиот „Арада“ (19.00) и филмот „Брак“ (21.20) – копродукција на Косово и Албанија, пред кој ќе биде прикажан краткиот филм „Магнолија“ на Ана Опачиќ.

Ќе има и два филма од програмата Специјални проекции со почеток во 17 часот – „Хотел Југославија“ во „Фросина“ и „Хотел Гагарин“ во Џебното кино на МКЦ, каде што од 20 и од 22 часот ќе бидат прикажани и филмовите „Младешка осаменост“ на Клер Симов и музичкиот „Бети: велат дека сум поинаква“ во режија на Филип Кокс.

Документарниот филм „Хотел Југославија“ во режија на Никола Вањиер од Швајцарија е патување низ времето и просторот на зградата. Режисерот, кој е по мајка Југословен, но роден во Швајцарија, ја истражува колективната потсвест, како и делови на сопствениот идентитет.

Симон Спада е режисер на „Хотел Гагарин“. Петмина Италијанци без скршена пара што ја чекаат својата голема шанса се испратени да снимат филм во Ерменија. Но, кога ќе пристигнат таму, избувнува војна и нивниот нечесен продуцент исчезнува со парите. Додека седат напуштени во хотелот „Гагарин“, длабоко во шумата и затрупан под снег, наоѓаат оригинална и неочекувана можност за незаборавна среќа.

Влезот за двата филма е бесплатен, а дистрибутерот „Катавеј“ планира изненадувања за публиката.

Во концертната програма вечер од 23 часот е настапот на бендот од Берлин – „Тау“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top