| четврток, 6 декември 2018 |

Не постојат законски пречки прифатилиште да биде раководено од здружение за заштита на животните, велат од АХВ

Во однос на протестот на здруженијата за заштита на животните и истакнатите барања до надлежните институции, реагираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од каде во соопштение информираа за активностите и мерките кои се преземаат во врска со оваа проблематика.

Оттаму наведуваат дека не постојат законски пречки едно прифатилиште да биде раководено од здружение за заштита на животните, доколку истото ги исполнува сите законски услови.

АХВ појаснува дека контролата на популација на кучиња, согласно Законот за благосостојба на животните е надлежност на општината, општините во Градот Скопје односно Градот Скопје.

„Секоја општина или Град Скопје, треба да воспостави систем на прифатилиште. Законот не обврзува секоја општина самостојно да воспостави прифатилиште за бездомни животни, односно заедничко прифатилиште можат да основаат и повеќе локални самоуправи“, се наведува во соопштението на АХВ од каде додаваат дека тие ги одобруваат прифатилиштата во зависност од тоа дали и колку ги исполнуваат условите пропишани во законските и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја.

Во поглед на истакнатото барање за комплетирање на Регистарот на сопственици на миленици, од АХВ потсетуваат дека функционален е модулот за регистрирање на домашни миленици и дека во него досега се евидентирани 20.500 миленици.

„Почнувајќи од септември годинава, Агенцијата ја реализира кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици – кучиња и мачки, за што набави 100 илјади микрочипови. Токму оваа акција за бесплатно микрочипирање на 100 илјади миленици, која Агенцијата ја спроведува во соработка со Ветеринарната комора на Република Македонија, во иднина ќе ја олесни контролата и ќе го заокружи концептот на одговорното сопствеништво во Република Македонија“, се образложува во соопштението.

„Во врска со истакнатото барање за комплетирање на Правилникот за одгледувачници информираме дека Агенцијата за храна и ветеринарство активно работи на подготовка на нацрт правилник за одгледувачници за домашни миленици и условите кои треба да ги исполнуваат продавниците за домашни миленици. Овој правилник е во фаза на усогласување со Секретаријатот за законодавство и според очекувањата, истиот треба да биде донесен до крајот на годинава“, стои во дописот.

За барањето за изработка на Регистар на одгледувачници кои ќе плаќаат уредно данок со што ќе се спречи да работат на црно притоа зголемувајќи го бројот на бездомни животни во градот, од АХВ информираат дека по донесување на Правилникот за одгледувачници и заокружување на кампањата за бесплатно микрочипирање на 100 илјади миленици, Агенцијата ќе формира Регистер на одгледувачници.

Оттаму додаваат дека Секторот за инспекциски надзор при АХВ ќе спроведува ригорозен инспекциски надзор со највисоки казни за секој нерегистриран или напуштен миленик и дека до сите општини испратено е известување за законските обврски кои ги имаат општините во поглед на промовирањето на одговорно сопствеништво на домашните миленици.

„За реализација на барањето Градот/општината преку Советот да усвои одлука за субвенционирање на сопственици кои сакаат да го стерилизираат/кастрираат својот миленик, како одговорна институција и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, препорачуваме општините да донесат програми и буџет наменет за субвенционирање на кастрација и ојаловување на кучињата кои имаат сопственик, со што ќе се промовира одговорното сопствеништво, а крајниот резултат ќе биде намалување на бројот на бездомни кучиња“, порачуваат од АХВ.

Додаваат и дека од своето формирање во 2011. година, Агенцијата за храна и ветеринарство самостојно и во соработка со други институции и невладиниот сектор, досега организирала повеќе кампањи за промоција на одговорното сопствеништво, почнувајќи од децата во градинките и нижите одделенија во основните училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top