| четврток, 6 декември 2018 |

„Еко свест“ бараат итни краткорочни и среднорочни мерки против загадувањето, потпишуваат петиција

Според најновиот извештаи објавени на конференција за аерозагадување организирана од Светската здравствена организација жителите на градовите во Македонија дишат најзагаден воздух во цела Европа.

„Од надлежните институции, во име на граѓаните на Скопје бараме нашето здравје да биде ставено највисоко на листата на приоритети кога се носат стратешки и плански документи како и закони и подзаконски акти, велат од здружението „Еко свест“, од каде информираат дека започнале онлајн петиција.

Со потписите што ќе ги достават до Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање бараат донесување закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата, ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот, намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата.

Се бара и стимулирање на приклучување на зградите (нови и стари) кон централното градско греење преку делумно ослободување од трошоците за приклучокот, подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот и воведување нови ефикасни линии, стимулации за вработените во институциите и компаниите за здружено користење возила или користење велосипед, одење пеш до работното место, ограничување на градежните активности и индустријата (времено во зимскиот период, строго санкционирање на палењето диви депонии и жетвени остатоци, отворање фонд за животна средина и отворање фонд за енергетска ефикасност за граѓаните.

Од „Еко свест“ наведуваат дека во последните неколку дена граѓаните се мобилизираат на социјалните мрежи и даваат предлози за решавање на аерозагадувањето, користејќи го #СкопјеДише.

Податоците од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека ноќеска достигнале концентрации на ПМ10 честичките од над 200 микрограми, но мерните станици во Лисиче и Гази Баба се уште не се објавуваат.

Скопје синоќа беше шести најзагаден град во светот и го потврди приматот – еден од најзагадените градови на светот. Македонската метропола синоќа се најде на шестото место по загаденост во светот на глобалната апликација Ер Вижуал („Air Visual“).

Индексот, кој го сочинуваат вредностите од ПМ10, јаглерод моноксид, јаглерод и натриум диоксид и озон, за Скопје покажа вредност од енормни 160, и се најде во друштво со традиционално најзагадените градови како Лахоре, Њу Делхи, Ченгду и Пекинг.

Најалармантно синоќа беше кај ректорат со измерени 240 ПМ честички на метар кубен, односно пет пати над дозволените граници.

Неколку кратно над дозволеното беше загадено и во Струмица, Битола, Куманово Гостивар и Кавадарци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top